Театарот за деца и младинци (ТДМ) в недела стоти пат ќе ја изведе претставата „Пипи Долгиот Чорап“, чија премиера беше на 23 март 2013 година и која речиси седум години е хит-претстава кај детската публика. Работена е според истоимената книга на Астрид Линдгрен и е лектира за основно образование.
Одличната драматизација на Бојан Трифуновски, режисерката Драгана Милошевски-Попова ја претвори во незаборавна претстава. Не постои дете кое не би сакало да ги види вратоломиите на Пипи, оригинално девојче кое отскокнува од средината и по начинот на облекување, и по начинот на однесување, пркосејќи им на сите општоприфатени норми и правила. Интересот за нашата Пипи, одиграна од актерка Соња Стамболџиоска, досега е незапаметен. Претставата изобилува со исклучително одиграни карактери кои изобилуваат со хумор и ведрина, соопшти Театарот за деца и младинци.
Покрај Стамболџиоска, во актерската екипа се и: Емра Куртишова, Мартин Јорданоски, Ана Левајковиќ-Бошков, Предраг Павловски, Тања Кочовска, Бојан Кирковски, Марија Ѓорѓијовска, Мики Анчевски, Драган Довлев и Владимир Лазовски/Горан Ников. Сценограф на претставата е Кирил Васил, костимограф Марија Пупучевска, композитор Марјан Нечак, кореограф – Симона Спировска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.