Советот за македонски јазик при Владата на РСМ иницира јавна расправа за Предлог-законот за употреба на македонскиот јазик: Ќе се обноват старите и ќе се отворат нови лекторати по македонски јазик на странските универзитети, соопштуваат од Владата.

 

Во соопштението испратено до медиумите, се вели дека „по серијата одржани подготвителни состаноци и седници на кои се разговараше за унапредувањето на состојбата на македонскиот јазик и македонистиката, Советот за македонски јазик, стручно тело при Владата на Република Македонија, чиј претседател е проф. д-р Људмил Спасов, отпочнува јавна расправа за консултации за Предлог-законот за употребата на македонскиот јазик.

Во предложениот Закон, со промените се предвидува задолжително ангажирање или вработување на лектори по македонски јазик во сите државни и јавни установи и институции, како што се Владата, Собранието и министерствата на Република Македонија, па сè до локалната власт, универзитетите, научните институции, средните и основните училишта, медиумите и сите други чинители во општествениот живот во земјава, како во државниот така и во приватниот сектор.

Со Предлог-законот се утврдува и задолжително изучување на македонскиот јазик на сите високошколски образовни установи во два семестри, што не беше практика досега. За првпат се предвидуваат стипендии за студентите по македонски јазик и литература на сите три циклуси на високото образование и на сите универзитети во државата.

Согласно измените на предложениот Закон, предвидена е натамошна афирмација на македонскиот јазик во странство преку обновување на старите и отворање нови лекторати по македонски јазик на странските универзитети, на високошколските и научните установи што се занимаваат со славистика, во државите во кои се изучувал досега, како и во оние држави каде што македонскиот јазик воопшто не бил застапен досега. Ова особено се однесува на соседните држави на Република Македонија како Србија, Бугарија, Грција, Албанија, Косово, како и на земјите од поширокото соседство: Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Италија, Унгарија, Романија, Турција.

Исто така, во новиот Закон се предлага, македонскиот јазик да се изучува и во рамките на културните центри при амбасадите на Република Македонија во странство, како одговор на желбите и предлозите на Македонците во дијаспората.
Нацртот на новиот Закон за употребата на македонскиот јазик има за цел не само издигнување и зацврстување на употребата на македонскиот јазик на сите рамништа, туку има и функција на привлекување на сите граѓани на кои македонскиот јазик не им е мајчин. И во таа смисла е во согласност со Законот за употреба на јазиците.

Новиот Закон е во насока на нашиот јазик за евроатлантските интеграции и за неговата службена употреба во овие институции и во насока на спротивставување на сите напади и негирања однатре и однадвор, на кои, за жал, сме сведоци и во 21 век и на почвата на Европа.

Со ставањето на новиот Закон на широка расправа пред јавноста, Советот за македонски јазик при Владата на Република Македонија апелира за обединување и здружување во афирмацијата на македонскиот јазик во земјава и во странство кај сите граѓани на државата, стои во соопштението.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.