В петок, на 4 октомври, во 20 часот во Македонскиот народен театар (МНТ) првпат ќе гостува традиционална уметност од Но Театарот Јамамото со 21 учесник вклучувајќи и тројца носители на сертификат за нематеријално културно добро доделен од страна на Владата на Јапонија, соопштија од Амбасадата на Јапонија во Македонија.
На програмата се делата „Хагоромо“ (Перјаното руво) и „Цучигумо“ (Земјениот пајак) со титл на англиски и македонски јазик.
Настанот е во организација на Амбасадата на Јапонија, МНТ и поддржан од Министерството за култура.
Но e вбројан во листата на УНЕСКО за Светско нематеријало културно наследство. Настанал пред околу 650 години и е најстарата зачувана сценска уметност, која до ден денешен се изведува непрекинато и без да претрпи значајни промени.
Основоположници на Но се актерите и писателите Кан-ами и неговиот син Зеами од 14 и 15 век. Тие успеале да направат спој од бројни танци и изведувачки уметности кои постоеле во тие векови. Заштитници на Но отсекогаш биле високата класа на самураи, на чело со шогунот Ашикага. Оваа уметност својот врв го има доживеано во доцниот 16 век за време на владеењето на Тојотоми Хидејоши. По крајот на феудализмот, кон средината на 19 век, Но ја губи државната поддршка. Сепак, останува да биде уметност на високата класа, и е поддржувана од водечки бизнисмени. На тој начин, традицијата на Но успева да опстои до денешно време кога уметноста зазема централно место во естетиката и културниот идентитет на Јапонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.