Второто издание на Маалски фестивал во организација на КСП Центар Јадро официјално ќе биде отворено со книжевен бал и изложба на дела изработени на работилницата за креативно пишување за млади, „кЛИК, сЛИК – сподели кирилица“, под менторство на компаратистките Ивана Смилевска и Марија Бошковска.

Без разлика дали ќе дојдете во тиква или во бела и раскошна кочија, во 19 часот ќе се запознаете со книжевни ликови создадени од тон имагинација на учесничките Маша, Мила, Мелиха, Анабела, Анастасија, Деспина, Теодора, Лара, Лејла, Сара и Сара (сѐ се женски).

Самовили, Барбика од антика, Месечина што плаче, коса со супер-моќи… Се само дел од книжевните ликови, гости на балот, направени аналогно или со вештачка интелигенција преку непредвидливи кЛИКови и кирилични формули.

Ликовите и нивните приказни се бројни и посебни, книжевно-имагинарни светови. Во нив ќе може да се влезе преку малите книгички – фанзини, кои споделуваат кирилица надвор од рамките на дигиталното објавување и комерцијалното издаваштво.

Што се фанзини? Мала книгичка, или фанзин е неофицијално издание создадено ентузијастички и панкерски, по „направи сам“ техника, а обработува одреден културен феномен, како на пример литературен или музички жанр. Фанзините се користат за споделување идеи и креативно изразување. Еве на пример, ние пишувавме за чувства.

Учесничките ги изработија фанзините под менторство на уметниците Дарко Алексовски и Јован Јосифовски, преку сечење, лепење, цртање и колажирање.

Бал не е бал без музика, а за тоа ќе се погрижат диџеите Индог и Мартина Пенева. Дојдете да се журкаме заедно

#споделикирилица #цртајнакирилица #цртајнакирилица2023

Дводневната работилница за креативно пишување за млади „кЛИК, сЛИК – сподели кирилица“ е поддржана од Министерството за култура преку конкурсот „Цртај на кирилица“. Маалски фестивал е под покровителство на Асоцијација Јадро, Општина Центар и Министерство за култура.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.