На 8 Март 2019 (петок), со почеток во 19 часот ќе се отвори самостојната изложба на уметничката Гордана Винчиќ под наслов “Женски муабети”. Во Галерија Ко-Ра, мал салон, во ЈУ Дом на култура “Кочо Рацин”, ул Димитрие Чуповски 20 а (во центар наспроти гимназијата “Ј.Б Тито”.

„Пердув од ној“

Најстарите времиња сведочат за женските дружби кои преживеале со епохи а со тоа и тајните на божествениот женски принцип. На овие заедникувања низ приказни, ритуали а честопати и песна, жените исцелувале спојувајки се со природата и невидливиот свет.

Модерната жена длабоко ја закопала својата мистика и моќ, архетипот на исцелителка, високата свештеничка и божица. Секојдневието ја одвлекло далеку од природата и ја приморува да биде мајка, сопруга, љубовница и кариеристка. Повеќе од 2000 години доминантниот парадигм ја ограничува оваа женска енергија без размисла дека поради тоа ни машкиот принцип не може да го достигне својот врвен потенцијал.

“Женските муабети” во денешно време подсвесно не асоцираат на дамнешните женски дружби, исполнети со тајни па затоа секогаш ќе привлекуваат љубопитност кај спротивниот пол.

Делата се мој обид да ја доближам мистиката и возвишеноста на женската интуитивна и креативна енергија на несекојдневен начин. Да ги подсетам жената и мажот за нејзината важност. Сите уметнички дела се цртежи, колажи и реди мејд “сувенири” присобрани од патувања, дружби и муабети. Иако малце ме подјадува совеста, ќе “протечам” неколку тајнички со желба и публиката да ги насети одблиску. Мистични маски, штикли, трач, егзотични детали, интимизирање, емотивна искреност, кафе, предскажување, фасцинум, интимна ткаенина, пердуф, еликсир…

Им се заблагодарувам на сите за несебичниот придонес кој го оплемени моето творење, вели авторката Гордана Винчиќ.

„За 3 дена глас“

Свој осврт на изложбата „Женски муабети“ има историчарката на уметност Виолета Калиќ.

Мигновеното добива една нова димензија во исчекорувањето и осознавањето на виртуелниот дијалог кој е фрагмент на синопсис, загатка и провокативна сложувалка, едновремено. Наизуст нé поведува конспиративно, низ лавиринтите на појавната загадочна естетика на интерполирани сегменти, кои пластично го сугерираат многуслојното во говорот на симболите. Колажната структура прозвучува мистично, и магично, тактилно побудувајќи го осознавањето на многуслојните сегменти кои се во хармонија на дисхармонична симбиоза. Метафоричноста, алегоријата, алузијата и илузијата го обликуваат временскиот калеидоскоп во превирање кој нé поведува, како со тукушто одврзан превез врз очите, низ времето, просторот, низ пределот инсертиран низ повеќе сегменти, реколажиран, кој понорува и навира кон сепулкралното, духовното, кон трагите на доблестите и кошмарите, догмите и кредата на цивилизацииите, изминати и сéуште толку моќно сéприсатни во аурата, во избликот, во рефлексијата на никулецот на архетипското, толку длабоко потиснат и недоосознаен во секој од нас, кој ги транскрибира и ги детерминира култното, мистичното, мистифицираното преку гестот, преку превезот на флуидот , преку трансцедентирањето на појавното и непојавното, кое се во постојан толку невидлив, толку потиснат, но толку моќен дијалог, во баланс или дебаланс со севкупната појавна стварност…Варијацијата на одбраните атрибути од култната или културна историја, едновремено ја апопстрофираат присатноста на култната улога на жената како битие, низ сите цивилизации, и сеприсатноста на жената во континуумот, на постоењето и опстојувањето, и кога е потисната или апстрахирана, тронизирана или детронизирана. Цикличноста на матријархатот и патријархатот се во постојана симбиоза, која само навидум го детерминира појавното, со видоизменивање на појавните симболи. Секој од нив одделно ја еманира и ја декодира менталната матрица од зародишот, пренесувајќи ги елементите од исконското понатаму обликувани или преобликувани, потиснати, воспеани или глорифицирани, отфрлени, унижувани или поништивани. Секој одделно ја има неизоставно иманентната вредност на архетипот во декодирањето на тој чудесен светм обоен со сетилноста на митското и магичното или соголен до елементите на суштественото, поривот,копнежот,нагонот, страста, желбата, сонот, мечтата, исконското,ововременото, сегашното, мигновеното, но и вечното, во постојана потрага по осознавањето на опивната загатка и нејзиното магично или едноставно преобликување, пишува Калиќ.

„Мирис на грев“
„Само ќе ти се каже“


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.