Изложбата на илустрации на Димитар Кондовски е едно убаво временско патување и потсетување за еден многу важен дел од нашето културно наследство и богатство. Верувам дека оваа изложба ќе инспирира многумина и ќе разбуди убави емоции. Во крајна линија, ќе ги натера генерациите што се сега родители да пробуричкаат низ своите стари библиотеки, бидејќи огромна е веројатноста таму да има книги илустрирани од великанот Кондовски – изјави синоќа Софија Семенпеева – Трајановска, основач на Фестивалот „Литера“ по повод отворањето на изложбата на илустрации на Кондовски, во рамките на фестивалот за литература и илустрација за деца.
Софија Семенпеева-Трајановска, основач на фестивалот „Литера“ се заблагодари на поддршката на првата дама Елизабета Ѓоргиевска, на директорката на Националната галерија Дита Старова-Ќерими, на семејството на Кондовски и на својот тим.
„Литера“ е проект кој долги години се подготвување и во процес на создавањето ја баравме совршената форма. Ќе бидеме борци и истрајни во намерата зошто важноста на литературата и илустацијата е огромна за раст и развој на идните генерации. Здраво општество и културни вредности се градат со работа уште во најмала возраст. Креирајќи го концептот на „Литера“, одлучивме дека покрај изложбата на актуелни илустратори, секоја година ќе има и ретроспективен дел во кој пред македонската публика ќе им оддадеме почит на нашите доајени на илустрацијата. Минатата година имавме групна изложба на која беа застапени повеќе автори, па така годинава решивме дека Кондовски е прв во низата од оние што заслужуваат целосна поставка, рече Семенпеева-Трајановска.
Националната галерија деновите е обвиена со духот на радоста на детската илустрација на великанот на современото сликарство. Воедно чудесните илустрации претставуваат и своевиден празник за детските сетила, за нивниот богат имагинативен свет. Токму изложбата на илустрации е соодветен вовед кон ретроспективната изложба на Кондовски што ја подготвуваме, истакна директорката на Националната галерија, Старова-Ќерими.
Во далечната 1992 паметам како мојот татко дојде дома со еден од моите најубави подароци. Тоа беше примерок од едицијата „Џиновски сликовници“ на „Илустрирани македонските народни приказни“ во кои беа застапени пет македонски приказни објавени и на турски, албански и ромски јазик. Тоа беше еден од моите први контакти со сликарските илустрации на Кондовски, маестрално изведени, кои покрај текстот остануваат во долго сеќавање. Илустрацијата претставена како што само Кондовски можеше да ја изведе, сугестивно и живо присутна, со прецизен приказ на тантелите, планините, ликовите кои сосема јасно визуелно, прекрасна и уверлива синтеза на убавиот збор и прекрасната уметничка илустрација, се во функција на траен и современ наратив. И така, овој дар ми се врежа во мојата меморија, сведочејќи за трајното присуство на уметноста на Кондовски во нашето живеење. Визијата на уметникот оживува во времињата кога таа му е најпотребна на човекот. Илустрациите на Кондовски сите заедно претставуваат една убава бајка, во која се открива радоста на животот, надежта дека убавото ќе го совлада грдото. Токму во овие тешки времиња, понудената изложба на големиот мајстор на сликата и цртежот, сугестивната уметничка илустрација, нè потсетува на убавите и позитивни времиња, влевајќи надеж во индивидуалната и колективна истрајба – истакна Старова-Ќерими.
Сопругата на претседателот Стево Пендаровски, Ѓоргиевска истакна дека благодарение на изложбата, се вратила во детството.
Ви благодарам што повторно ме потсетивте на „Зоки Поки“, „Алиса во земјата на чудата“, „Колибата на чичо Том“, „Белото циганче“ и многу други книги коишто остануваат во мене како дел од едни прекрасни времиња. Вечерва ја доживувам како празник на кој се слават двете клучни нешта кои од искона го определуваат човековото постоење: зборот и сликата, дополни првата дама.
Од денеска на фестивалот започна реализацијата на работилници за деца. „Емоцијата има своја боја“ е ликовна работилница наменета за деца од 7 до 9 години, која денес и утре во Даут-пашиниот амам ќе ја реализираат Маја Димитрова и Моника Гошева.
Фестивалот „Литера“ го организра Центарот за визуелна комуникација, а го помагаат: Делегацијата на ЕУ во Скопје, Министерството за култура, Град Скопје, „Халк банка“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.