Десеттата по ред изложба насловена „Младите ликовни уметници од Кавадарци и нивните гости“ ќе биде отворена вечерва во Музеј галерија Кавадарци, со почеток во 19 часот.

Идејата за ваква изложба се роди кај група млади уметници полни со ентузијазам кои посакуваат да ги презентираат своите дела на еден неформален начин надвор од официјалните етаблирани друштва како своевиден отпор на дотогашната пракса и можности за изложување на уметнички дела.

Без претензии за реформи и било какви прецизирања и ограничувања беше одбрано
изложбата да го носи наловот „Млади ликовни уметници од Кавадарци и нивни гости“ како и воспоставениот термин 11 Октомври симболично означувајќи нов почеток, голем елан, ентузијазам, „борба“ за слободно и творечко изразување кое му доликува на младиот човек. Со таквата идеја спроведена во пракса избегнувајќи секакви шематизирани и ограничувачки пишани документи, без институционални и хиерархијски систем се успеваше да се организираат изложби на кои се отсликуваше младешката креативност и изразување без никакви стеги и ограничувања.

Применувајќи го слоганот „Се е дозволено што не е забрането“ или да нема правила во
изразувањето на творечката слобода изминативе десет години се редеа изложби на кои младите уметници својата инспирација ја наоѓаа во времето и просторот во кој живееја и реалноста во која работеа.

Првичната идеја на групата млади уметници беше да трае пет години, но денес, пред десеттото издание, посакуваат да трае подолго, се додека има млади уметници.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.