Националната Галерија на Македонија го најави отворањето на изложбата со наслов “Магла“, која ќе се одржи на 13 јуни во 20 часот, во мултимедијалниот центар Мала станица.

Изложбата е под кураторство на Ави Лубин, мошне познат израелски куратор и истовремено овогодинешен куратор на израелскиот павилјон на Венецијанското биенале. Учесници на изложбата се четворица косовски и еден австриски уметник (Луан Бајрактари, Газменд Ејупи, Дритон Селмани, Алберт Алгајер и Фатмир Мустафа – Карло),  организирана во соработка со Националната галерија на Република Косово. Организатор на проектот е Ана Франговска, виш кустос во Националната галерија на Македонија.

Изложбата ќе биде поставена до 2 јули.

Концептот на изложбата „Магла“ е поврзан со неколку прашања кои се актуелни и за нашата млада држава, и тоа: Што се подразбира под тоа да бидеш делумно признаена држава? Што значи да бидеш оспорена територија? Оваа изложба, во време на геополитички стрес, фрустрацијата со политичкиот моментум и нестабилност, кога не знаеш што да очекуваш и како да се однесуваш, бара да размислуваш за потенцијалот кој го содржи оваа маглива реалност и да размислуваш за фактот дека недостатокот на јаснотија може да создаде нови патеки на гледање.

Изложбата “Магла“ ги поканува уметниците учесници да размислуваат за Националната галерија како една не-земја, или како бивша територија, и на тој став да одговорат. Како и да е, ова е земја која е доволно признаена за да се смета за земја, но сепак, се смета за земја каде вообичаените правила не важат (дури ни гравитацијата!), халуциногена територија, која постои надвор од радарот и која може да отвори нови гледишта, нови начини на делување во нашата амбивалентна реалност.

Ави Лубин е независен кустос и Раководител на теоретските студии при Програмата за постдипломски студии за современа ликовна уметност, на Колеџот за уметност Хамидраша. Тој е основач и ко-уредник на Тоху, што е независна тројазична онлајн уметничка публикација (се објавува на еврејски, арапски и англиски јазик). Меѓу неговите кураторски дела спаѓаат лични и групни изложби, меѓу кои и Школата за уметност на Музејот на уметноста во Тел Авив (Павилјонот Хелена Рубинштајн); Мрачни времиња во Галеријата на уметноста на Универзитетот Шрајбер, Универзитетот во Тел Авив; Скриениот патник во Апехарт, Њу Јорк; Кружни движења во Кунствереин Кунстхаус, Потсдам; Белег и ентропија во Студијата на уметници &#39, Ерусалим, Парадоксот на дедо во Галеријата Челуш, Тел Авив; Уметнички проекти ON-OFF, Хамбург; Основи во Sommer Contemporary, Тел Авив; и Крајот на историјата во Künstlerhaus Speckstraße и Kutscherhäuser, Хамбург.

Уметници учесници:

 

Алберт Алгајер, роден во Брегенз (Австрија), студирал Конкретна поезија (具体詩) во Јокохама Ширицу Даигаку и на Школата за дизајн во Хонг Конг и Јапонски студии на Виенскиот универзитет. Тој е ко-финансиер на GRUPPE UNO WIEN. Кустос на Биенале Брегенз во 2012, 2014, 2016 и 2018 година. Негов сон е да отвори ќебапчилница во Истанбул.

Праксата на Газменд Ејупи се фокусира на социјално спротивставените идентитети во миграциската култура. Негов главен медиум е филмот; тој користи рачна камера, директни интервјуа и непреработени снимки, за да постигне едноставна и убедлива приказна, притоа истакнувајќи ги неговите досетливи социјални размислувања. Порано неговите дела ја истражуваа неможноста да се одвои уметноста од животот и како таквото постапување придонесува за обликување на нашата визија за општеството.

Луан Бајрактари е уметник од Косово, кој живее во Виена. По студиите за скулптура во Приштина, тој заминува за Италија, каде ги продолжува своите студии на Академијата за ликовна уметност во Перуџиа. Делата на Луан Бајрактари се концентрираат главно на развојот на креативната лабораторија на секојдневието, со нештата кои му припаѓаат на истото. Неговата пракса се артикулира преку општествените дејствија во облик на керамика, скулптура, цртежи и инсталациите каде концептот е главен.

Дритон Селмани (1987) живее и работи во Приштина и Доганај. Тој има студирано на Универзитетот ААБ во Приштина, и магистерските студии на Универзитот за ликовна уметност во Бормут (Bournemouth), Обединето кралство. Селмани ú пристапува на идејата на перципирана реалност преку деконструкција на оформувањето на општествените, политичките и културолошките теми, кои се отелотворени околу него. На млада возраст, од него се бараше да обожува држава која веќе не постоеше, што влијаеше врз формирањето на основа за скептицизам кон било каква претпоставена реалност која му се нуди. Подоцна, тој го искористи тоа како корисна алатка за градење на неговата верба во визуелни уметнички дела. Во 1999 година, старите слики се заменија со нови слики; орнаментите на претходниот простор се обновија за да се откријат со нови значења, но повторно, со нова несигурност. Селмани се конфронтира себеси како гледач на овој “тековен настан“, но првично се поставува себеси како актер, играјќи ја својата претстава која се заснова врз неговата лична историја, убедувања и сомнежи.

Фатмир Мустафа – Карло (1984, Коњаре) е уметник од Косово. Студирал на Академијата за уметност во Приштина а магистерски студии завршил на Универзитот за уметност во Хелсинки, Куватаидеакатемија, Катедрата за скулптура. Неговото дело има за цел да навлезе во социјалните и политички парадокси, кои се случуваат во земјата во која живее. Тој секогаш испитува и се конфронтира, и честопати го предизвикува она што се смета за очигледно.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.