На 17 декември во 20.00 часот, во музејот Бенаки во Атина, ќе биде отворена изложбата „Иднината како проект/Доксијадис во Скопје“. Изложбата, пред грчката публика за прв пат ја претставува темата на постземјотресната обнова на Скопје и улогата на Константинос А. Доксијадис во неа.

Изложбата и придружните манифестации се организирани од Музејот на Град Скопје, Хеленскиот институт за архитектура и музејот Бенаки. Коорганизатори се Атина 2018 – Светска метропола на книгата – градот Атина (главен донатор е Фондацијата Ставрос Нијархос) и Градот Скопје.

Кураторски тим: Калиопи Амигдалу, Ана Ивановска Дескова, Јован Ивановски, Владимир Десков, Костас Циамбаос
Помошник куратор: Христос Критикос
Траење на изложбата: 20 декември 2018 – 17 февруари 2019

Изложбата е структурирана во неколку теми: започнува со приказната за земјотресот од 1963 г. и одзивот за него во грчките гласила; прикажува сегмент од работата на Доксијадис за Скопје (прегледот на оштетените зони, стратешкиот план за градот итн.); се осврнува на планот за централното градско подрачје на Кензо Танге. Најобемниот сегмент на изложбената поставка го зафаќа темата на архитектурата на постземјотресната обнова на Скопје. Преку архитектонски модели и факсимили од оригиналната проектна документација, прикажан е дел од мноштвото значајни архитектонски реализации кои го дефинираат ликот на Скопје по земјотресот. Последниот сегмент говори за состојбата во која дел од овие реализации опстојуваат во современо Скопје.

Во рамки на настанот, на денот на отворањето на изложбата (15.00 – 19.30 часот) во музејот Бенаки ќе се одржи еднодневна меѓународна конференција, а во вторник, 18 декември 2018 г., во 18.00 часот ќе се одржи тркалезна маса на која ќе се презентира публикацијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.