Утревечер, со почеток во 20 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје ќе биде отворена изложба со наслов „Пејзажи на совеста“, која ги истражува врските меѓу материјалното, технолошкото, индустриското и културното загадување.
Во рамките на поставката ќе бидат изложени 11 фотографии, 8 видео-инсталации како од нови, така и од признаени автори и 4 филмски уметнички дела кои ќе се прикажат на 7, 8 и 10 декември, со почеток во 18 часот.
„Пејзажи на совеста“ во фокусот ја става потребата за поголема политичка, сеизмичка промена, гледајќи го светот како вмрежан екосистем составен од различнo-конфигурирани, историско-динамични контакт зони наместо како збир од различни, одвоени екосистеми. Кураторскиот концепт ги отфрла потенцијалните дискусии за единките во/и животните средини, како форми на благосостојба обликувани според класни и расни уверувања. Заробени во сопствените моќи и ограничените животни сфери, посветено создаваме свет полн спектакли заснован врз историското насилство, каде Земјата и водата се ништо повеќе од декор.
Во рамките на „Пејзажи на совеста“ ќе бидат претставени дела на 12 уметници (Мила Паниќ, Карлос Касас, Урсула Биман, Арјуна Нојман и Дениз Фереира да Силва, Јунес Бен Слимане, Патрик Содерлунд, Ругил Барзџукаите, Хироацо Сузуки и Росана Торес, Тамер Хасан и Арманд Јервант Туфенкиан), а јавната програма ќе понуди и разговори со двајца од авторите: Мила Паниќ (БиХ, Германија) и Карлос Касас (Шпанија).
„Пејзажи на совеста” е дел од програмата на филм и видео на МСУ-Скопје. Изложбата се реализира во соработка со Право Људски Филм Фестивалот од Сараево, а поддржана е од Министерството за култура и „Еуролинк осигурување”.
Кураторкa на изложбата e Кумјана Новакова, во соработка со Диого Переира, а визуелниот идентитет и графички дизајн е на Елена Диновска Зарапчиев.
Изложбата ќе биде отворена од 6 до 10 декември 2019 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.