Во чест на седумдесет и седмата годишнина од раѓањето на еден од најважните македонски сликари, Владимир Георгиевски, вечерва во 20 часот во Галеријата на Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе се отвори изложбата „Учителот и неговите ученици“.
Освен дела на Георгиевски, кој почина во 2017, изложбата содржи и дела на шестмина негови поранешни ученици, а сега активни творци во областа на визуелните уметности: Никола Пијанманов, Наташа Милованчев, Наташа Божарова, Марија Панчевска Маринчиќ, Ана Андроска и Марина Убавкова.
Изложбата го истражува влијанието што учителот го втиснал во творештвото на неговите ученици, како и особеностите што учениците ги развиле независно, во текот на нивниот творечки век.
За Никола Пијанманов, кураротот на оваа изложба и еден од нејзините учесници, изложбата претставува „еден вид мини ретроспектива на творештвото на професорот Георгиевски со дела создадени во различни медиуми, но овој пат распоредени во една синтеза и компарација со влијанијата што ги изврши неговата уметност директно или индиректно врз неколку генерации ликовни уметници во земјата. За изложбата бирани се дела од творештвата на уметниците, кои барем во еден извесен период во своите творечки фази престојувале во ателјето на Владимир Георгиевски и биле инспирирани од естетиката и философијата на неговите дела“.
Изложбата, која ќе трае до 18 јуни, прикажува триесетина слики, цртежи и релјефи. Финансиски е поддржана од Министерството за култура, а реализирана од Здружението за култура и развој на креативни индустрии „Транзен“, во соработка со МКЦ во Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.