Изложбата „Трилогија, ликови – луѓе“ на Филип Фидановски ке биде отворена во среда 27 ноември 2019 година во 20 часот во галерискиот простор на „Арт хуб“ уметничкиот центар во ГТЦ на 2 кат.
Фидановски е професор во ДСУЛУД Лазар Личеноски и актуелен претседател на ДЛУМ. Магистрира на Националната уметничка академија во Софија. Од 1995 до денес учествува на многу групни изложби во Македонија, Србија, Бугарија, Хрватска, Чешка, Белгија, Египет, Италија… Учествува и на голем број на уметнички симпозиуми и колонии во Македонија и странство.
За изложбата во каталогот д-р Кирил Пенушливски, историчар на уметност ќе напише:
Делата што Фидановски ни ги прикажува на оваа изложба, посебно бистите од третиот циклус – „Дијалози во боја“, се на некој начин автобиографски. Автобиографијата има привилигиран статус во хиерархијата на дискурсите кои потекнуваат од западно-европскиот свет, а идејата дека уметничкото дело е начинот на кој се исповедаат личните „вистини“ ја завзема централната позиција во модерната уметничка теорија. Во таа теорија, основниот однос на уметникот и делото, кое патем речено се раѓа во уметникот на еден мистериозен и таен начин (во овој случај и во печките на Филип кои развиваат галактички температури), секогаш може да биде искажан со некоја математичка, опиплива форма.
Но, мајсторството на формата не е основната цел на Фидановски. Напротив, адаптирањето на истата за да може да се искаже нејзиното внатрешно значење е неговата идеја водилка. Оттаму, основните квалитети на фотографијата како апсолутен показател на реалноста и сета нејзина моќ на верно репродуцирање, посебно кога станува збор за портретот, овдека го губат својот примат. Аплицирањето на нечие туѓо лице врз својата биста има исповедувачки модалитет во кој уметникот на делото му дава автобиографска димензија, а која гледачот мора сам да ја протолкува….
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.