Во Чифте амам денеска ќе биде отворена изложбата „Нови правила“ на косовската авторка Заке Прелвукај. Изложбата, која е во организација на Националната галерија на Македонија, за посетителите ќе биде достапна до 31 мај 2021 година.

Официјалното отворање на изложбата, чиј куратор е Ана Франговска, виш кустос во Галеријата, е закажано за 25 мај 2021 во 14 часот, во објектот Чифте амам. По отворањето, во 15 часот е најавено интерактивна активност, разговор со уметницата.

„Нови правила“ на Заке Прелвукај е изложба која се однесува на актуелното време во кое живееме, новиот свет во кој сме нурнати, несвесно, и на кој, сакале или не, му стануваме поклоници. Тоа е време на брз технолошки развој кој, потхранет со условите на пандемијата во која се наоѓа целиот свет повеќе од една година, од нас создаде верни следбеници кои почнаа да живеат според нови, нормално-ненормални правила.

Заке Прелвукај дипломирала сликарство во 1991 година, на Факултетот за уметности во Приштина, во класата на проф. Нусрет Салихамиџиќ. Работи и живее во Приштина. Во 1993 година започнала да работи како предавач по предметот Монументално сликарство. Во 1997 година магистрирала сликарство, во класата на проф. Муслим Мулиќи.

Во 2000 година ја води класата сликарство, како вонреден професор. Во 2010 година се стекнала со титулата редовен професор по сликарство. Одвреме-навреме предава на факултети и културни институции во различни земји. Вреди да се спомене предавањето во Диксмујд (Белгија), во Музејот на мирот – најголемиот музеј во Европа, каде што предавала пред европските пратеници и сенатори и многу други гости, на тема Политика и уметност.

Таа се занимава и со ликовна критика, нејзините написи биле објавувани во неколку локални весници. Со уметничката асоцијација „Нов Балкан“ реализирала проекти во земјата и странство, како: мурали, мозаици, јавна уметност, изложби, дебати итн. Веќе неколку години е дел од реализацијата на „Куќата на уметниците“. Многу нејзини дела се во сопственост на познати светски личности, а некои се дел од колекцијата на Националниот музеј на жени во уметноста во Вашингтон, единствена од ваков вид во светот. Нејзините дела се, исто така, и во колекцијата на галеријата NWG во Кембриџ и Националната галерија на Косово.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.