Виртуелна изложба насловена „Ноќ во музејот“ со презентација на дела од богатата колекција на Музејот на американската уметност „Смитсонијан“, се одржа вечерва во Американската амбасада во Скопје во пресрет на 4 Jули – Денот на независноста на САД, со која се одбележуваат „245 години од патувањето на Америка“.
Американската амбасадорка Кејт Мари Брнз во присуство на претседателот на Собранието, Талат Џафери и претставници на институции од областа на културата и уметноста, уметници и други гости, истакна дека виртуелната изложба е обид во услови на пандемија да се одржи посебен настан со физичко присуство, со кој ќе се покаже дека се наѕира светло на крајот од тунелот, по што продолжува патот напред.
„Оваа година одлучивме фокусот да го ставиме на улогата на уметноста во отсликувањето на историјата со цел да ги препознаеме сите предизвици со кои се соочува уметноста, културата и образованието за време на пандемијата. Ова е исто така и соодветен начин да им се оддаде почит на иноваторите кои развија креативни и виртуелни средства за споделување на уметноста, учењето и раскажувањето приказни со нас за време на овие долги месеци на изолација“ – истакна Брнз.
Изложбата „Ноќ во музејот“, додаде таа, претставува обиколка низ американската историја преку уметноста.
Со користење на иновативна технологија беа презентирани дела кои припаѓаат на колекцијата на Музејот „Смитсонијан“ и ги претставуваат клучните периоди од американската национална историја
Амбасадорката Брнз потсети на изјавата дадена од американската потпретседателка, Камала Харис пред неколку недели по повод потпишувањето на Законот со кој се прогласува за федерален празник Денот на ослободувањето на робовите во поранешната Конфедерација по Граѓанската војна: „Стигнавме далеку, и треба да поминеме уште многу, но денеска е ден за славење“.
Да, постојат предизвици кои треба да ги надминеме и да, напредокот може да биде бавен. Но, како што покажува оваа изложба, ова е само еден момент во времето, фотографија во албумот на историјата исполнет со постигнувања и развој кои нашите претходници не можеа да го замислат пред 245 години. Дозволете да прошетаме низ тој албум вечерва размислувајќи за неговата пространост и гледајќи напред кон градење на споделената иднина по која трагаме“ – рече Брнз.
Покрај презентацијата на дела од американски уметници од колекцијата на „Смитсонијан“ кои се прикажуваа виртуелно на лед екрани, присутните можеа да погледнат и дел од постојаната поставка на Амбасадата со дела од американски и македонски уметници, меѓу кои и две скулптури позајмени од Националната галерија.
Амбасдорката Брнз најави дека како и минатата година поради ковид пандемијата и оваа Денот на независноста – ќе се одбележи со виртуелен настан на самиот ден на празникот – 4 Јули, кој ќе се пренесува директно на фејсбук страницата на Амбасадата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.