Денеска, 20 мај, во КСП Центар „Јадро“ со почеток од 19 часот ќе биде отворена изложбата на театарски фотографии на авторот Драган Гајиќ, насловена „Фаза: Темно“.
Кураторката Ивана Јарчевска вели дека изложбата „Фаза: Темно“ побудува чувства на притаени моменти естетизирани во мигот на снимањето. Уникатноста на неговата театарска фотографија е во визуелниот јазик кој го користи, во интимната средба што ја има со секој актер, во поставеноста на сите елементи во композицијата и во драматиката која ја носи секоја од нив, но и заедно.
Фотографиите работени во периодот од 2015 до 2020 година се приказ кој во длабочината и бојата на темнината создаваат композиција на обмислена идеја, длабоки чувства и акцентиран микрокосмос. Врската на Гајиќ со театарот е интимна приказна, каква што е и секоја вистинска приказна. Тоа е приказна низ фотографии кои излегуваат од полето на кое припаѓаат: документаристичка која има за цел да го зачува мигот на претставата која ја има во одреден временски/сценски простор. Таа сега станува уметничка експресија, зачувана рефлексија, исечок од театарската магија … Оној исечок во кој актерот преку неговиот лик/поза/трансформација станува слика која зборува илјада зборови“, пишува Јарчевска.
Драган Гајиќ е роден во Скопје, 1967 год. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности- отсек камера. Постдипломските студии за фотографија и маркетинг ги завршил во Њујорк.
Во периодот 2000-2020 има низа професионални ангажмани во филмови и копродукциски проекти како асистент на камера , во Македонија и во странство. Директор е на фотографија во повеќе македонски серии, документарни филмови, ТВ филмови, реклами и музички спотови, а покрај тоа работел и на рекламни кампањи, едиториали, каталози…
Досега има изложби на фотографии во Њујорк, Македонски народен театар, Мала станица, но и други меѓународни и интернет изложби.
Изложбата е реализирана со финансиска помош на Министерство за култура и ќе биде отворена до 29 мај.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.