На античкиот локалитет „Стоби“ на 18 септевмри ќе биде отворена голема изложба на дела од реномираниот македонски скулптор Петар Хаџи Бошков (1928 – 2015). Проектот е насловен „Откривање на иднината: Археологија на модерноста“, а куратор и автор на концептот е Владимир Јанчевски.

Поставката вклучува четириесетина репрезентативни дела од повеќе творечки фази на авторот, кои опфаќаат четиридецениски период од 1962 до 2004 година.

Сите изложени дела авторот ги има зачувано во лична сопственост и ги оставил во наследство на неговото семејство. Овие репрезентативни дела, благодарение на неговиот син Игор Хаџи Бошков, ќе бидат позајмени и директно од ателјето ќе бидат пренесени на локалитетот Стоби. Проектот е поддржан од Министерството за култура на РСМ.

Иницијативата за реализација на овој проект е на Спасе Перовски, директор на Археолошкиот локалитет Стоби, чиешто настојување, меѓу другото, е и да го заживее локалитетот во рамките на долгорочната проектна-програма „Стоби – жив град“.

„Идејата за изложба на скулптури од Петар Хаџи Бошков на археолошкиот локалитет Стоби во делумно затворен и, пред сѐ, отворен простор, потекнува од програмата „Стоби – Жив град“, компаративниот однос помеѓу заштитените културни добра и современата визуелна уметност од прва категорија во рамките на нашата држава. Во основата на оваа идеја е зборот култура, кој е водилка во размислувањата, а доаѓа од латинскиот збор „colere“, што значи одгледува, се грижи… Заштитата на културното наследство во својот облик и во својата законска и највисока форма можеме да го видиме и да го доживееме во стариот град Стоби, наспрема визуелните карактеристики на уметноста на нашиот модерен скулптор Петар Хаџи Бошков. Овој современ дискурс ќе биде амалгам за големиот временски распон во однос на културата и културните вредности. За нашата држава, за нашите граѓани и за нашиот однос кон културното наследство“, вели Перовски.

Делата ќе бидат поставени поединечно или во посебни групи/целини на 24 различни точки низ локалитетот, а ќе бидат презентирани и неколку дидактичко-едукативни пунктови, од кои едниот ќе биде простор во кој ќе бидат изложени модели и ситна пластика од студиото на Хаџи Бошков, како и посебен простор за проекција на документарен видеоматеријал, поврзани во еден логичен редослед, по патека што овозможува движење во две насоки.

Меѓу инспиративните објекти на локалитетот одбрани се специфични локации, како пунктови на кои ќе бидат изложени делата, вклучувајќи ги надворешниот бедем од утврдувањето на влезниот дел, просторот пред театарот, потоа Полукружниот плоштад, Виа сакра, сцената на Античкиот театар и коридорот под гледалиштето, Храмот на Изида и Серапис, како и големиот неистражен простор, кој се протега до Градбата со Арки. Овие локации на најинтересен начин овозможуваат заемно разоткривање и посочуваат суштинска врска меѓу вредностите на модерната и антиката.

Класичните вредности се на специфичен начин присутни во творештвото на Петар Хаџи Бошков, иако не секогаш, тие се експлицитно и јасно видливи преку формата на неговите дела. Неговата врска со стариот свет се идеи и форми што се трансформирани и преобликувани, како симбиоза на апстрактни принципи, движечки сили и енергии присутни во делата.

„Ова е исклучително деликатен проект. Задачата да се направи спојување меѓу творештвото на еден модерен скулптор и еден значаен археолошки локалитет, како што е Стоби, привремено да се приближат овие два света, креативно да коегзистираат, не е лесна, но е голем предизвик… Творештвото на Хаџи Бошков претставува врвот на нашата модерна уметност и има изграден и препознатлив идентитет. Од друга страна, и локалитетот Стоби е историски потентно место. Иако е град што веќе не е жив, изобилува со културни слоеви од материјални остатоци, информации за животот и културата на луѓето кои го населувале. А со долгата историја на истражувањата и континуираната работа на археолозите, со секое ново откритие, повторно се оживува. Обидот да се претстави творештвото на еден модерен скулптор на антички локалитет значи обид да се преиспитаат овие два културни и визуелни кода, кои, иако се временски раздвоени и се разликуваат, имаат и заеднички точки“, вели кураторот Јанчевски.

Овој проект нема цел да биде постхумна комеморативна ретроспективна изложба на еден голем автор, туку обид за заемно разоткривање врски помеѓу античкото и модерното, за континуитетите и дисконтинуитетите, за значењето на делата на Хаџи Бошков, за неговата личност, пристап и за улогата како општествен чинител, и значењето на локалитетот Стоби, кој, меѓу другото, бил роден град и дом на една исклучително мистериозна и инспиративна личност како што е рановизантискиот автор Јоан Стобеј.

Петар Хаџи Бошков е еден од најзначајните ликовни творци во втората половина на 20 век. Човек со интернационален дух и отворен светоглед, школуван во повеќе значајни центри, меѓу кои Љубљана, каде што дипломирал, и Лондон, каде што специјализирал на Кралскиот колеџ за уметност. Лондон е посебно значаен за неговиот развој, каде што имал можност да истражува и да развие пријателство со големиот британски скулптор Хенри Мур. Од исклучително значење за него е и Британскиот музеј, кој речиси секојдневно го посетувал. Поминувал часови пред најубавите и најзначајни дела од египетската, античката грчка и римска уметност, кои му биле инспирација во раниот творечки период, а таа врска ќе остане силна, и понатаму ќе се развива на едно повисоко ниво. Како изграден автор бил визитинг-професор на уметничката школа „Купер Јунион“ во Њујорк, по што се вратил во неговото Скопје, да го донесе светот дома. Тука продолжува со педагошката дејност, првин како професор во Уметничкото училиште во Скопје (1968-1980), а подоцна и како професор и прв декан на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, сѐ до своето пензионирање.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.