В понеделник, на 25 март во 20 часот во галеријата на Младински културен центар (МКЦ) се отвора изложбата „Андалузија“ (Andalucía). на која ќе бидат преставени четириесеттина уметнички фотографии на двајца современи македонски фотографи – Дејан Колевски и Кирил Пенушлиски.

Изложените фотографии се направени во градовите Кордоба, Севиља, Гранада, Гразалема, Кадиз и Ронда каде двајцата автори имаа студиски престој во периодот октомври – ноември 2017 година. Прикажувајќи ги лугето, обичаите, природните убавини, културните споменици и архитектурата низ призмата на своите апарати, Колевски и Пенушлиски нудат уметничко толкување на идентитетот на овој регион на Шпанија.

Дејан Колевски има повеќе самостојни изложби, меѓу кои и изложба во Националната галерија на Македонија во Скопје. Во неговите фотографии централното место зазема човекот кој е прикажан во урбана средина. Во оваа серија тој прикажува најразлични сцени од секојдневното живеење.

Кирил Пенушлиски е историчар на уметност кој аматерски се бави со фотографија од 1994 година. Пенушлиски верува дека помалку информации и овозможуваат на фантазијата повеќе да работи. Затоа во неговите фотографии деталната и верната дескрипција е заменета со сугестија. „Andalucía“ е негова прва самостојна изложба.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.