Во култното Кафе „Ли Арт“ викендов се изложени 20 најнови дела од колекцијата “Идентитет” на ликовната уметница, Гордана Винчиќ.
-Од секогаш ме инспирирала таинственоста на човечката потсвест. Сметам дека современиот човек го има изгубено својот идентитет низ векови заробувајќи се во актуелните и конвенционалните начини на размислување. Социјалните мрежи, секојдневните проблеми и информативните притисоци од сите страни го одалечиле од суштината, божественото и вистинските благодети на животот. Така раскинат, современиот човек е изгубен, без визија и подлежен на манипулација. Со моите дела се обидувам на набљудувачот да му го насочам вниманието кон кризата на идентитетот со која се соочува современиот човек. Во исто време и важноста да се тргне од “вревата” и да се загледа јасно внатре во себе, во својата подсвест, која ги содржи праисториските слики оставени од нашите предци, архетиповите. Да не се плаши да зачекори кон самоостварувањето, душевното патување препуштен на божествените знаци и патокази. Тој пат води кон остварување на својата автентичност, внатрешна оригиналност и личен идентитет.
Делата визуелно прикажуваат индивидуи кои се на едно душевно патување кон својот идентитет. Ги представувам во разновидни емотивни состојби како на пример: несигурност, замисленост, рамнодушност и носталгија, но сите ја делат заедничката мечта, желбата за промена кон нешто подобро. Делата ги творев во зимскиов период како продолжеток од колекцијата ”Идентитет” која беше изложена во летниот период во НУЦК, Крива Паланка. Најновите дела од именуваната колекција ќе бидат изложени за прв пат во Скопје во Кафе Ли Арт. Атмосферата во култното Кафе Ли е идеална да ги доближи делата и пораката до набљудувачот. Ги поканувам сите љубители на уметност на една пријатна дружба, вели авторката.
-Од опусот на Гордана Винчиќ е само еден мал инсерт од еден изненадувачки обемен свет на нескротлива творечка енергија и фантазија која генерира една креативно вдахновена продукција на дела кои не водат низ еден широк регистар на изразните можности олицетворени во нејзината ерудиција, фантазија, имагинација, интуиција надополнети со предиспозицијата да се вообличат во разнороден ликовен исказ.
Овој циклус обединет со поетиката на фигурацијата не поведува наизменично низ времето минато и сегашно, низ поетиката на говорот и дијалогот осознаени преку изразната експресија на ликовноста, која е надополнета со аурата на поетичното, на протагонистите носители на загадочната атмосфера на вонвременото и метафизичко постоење во еден неопределен миг, простор и време, едновремено реален и надреален, стварен и нестварен, иницирајќи интроспективни навраќања на хероите од страниците на митопоетиката на прозата и музиката во својата потрага по идентитетот особено сеоприсатен во времето кое ги иницира навраќањата кон кревките и поетични патувања низ времето, просторот, историјата, цивилизациите и културите кои не вдахновуваат, не надоградуваат и не облагородуваат со разнообразноста на говорот на спецификите напластени низ столетија, ќе напише Виолета Калиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.