Во македонскиот Културно-информативниот центар во Софија вечерва ќе биде отворена изложбата „Животот во Хавана“ на Роберто Брсаковски од Скопје.

На изложбата ќе бидат поставени околу четириесетина дела од фотографската уметност на Брсаковски создадени во април 2017 година за време на двонеделниот престој на авторот во Хавана, Куба.

На отворањето на изложбата, авторот ќе ја претстави и монографијата посветена на овие фотографски дела. Фотомонографијата „La Vida De La Habana“, тематски, фотографски е поделена на четири фотоедиции по триесетина колор-фотографии насловени „Луѓе“, „Улици“, „Возила“ и „Архитектура“

Роберто Брсакоски не е непознат автор во нашата, македонска, фотокултурна јавност. Овој дипломиран економист, со фотографија се занимава од 1985 година, од 1994 година и како член на Фотоклубот „Елема“ од Скопје. Изложувал во над 50 национални и меѓународни изложби, освојувајќи повеќе награди, пишува Владимир Плавевски во текстот кон ова печатено издание.

Во 1995 година има самостојна изложба на црно-бела, аналогна фотографија насловена „Живот“ во Изложбениот салон на КИЦ – Скопје, а во 2005 година ја поставува втората самостојна изложба на аналогни црно-бели фотографии насловена „Осаменост“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.