Во изложбениот салон на Културно информативниот центар (КИЦ) вечерва, 20 јули, во 20 часот ќе се отвори изложба на фотографии „Портрети на уметници“, чиј автор е Сашо Алушевски, во рамки на Скопско лето.

Како што вели авторот, на изложбата се поставени портрети на македонски уметници. Фотографиите се направени на мокар колодиумски процес – фотографска техника од средината на XIX век со кој, заради неговата тежина и специфичност, се бават само мал број врвни уметници во светот, а се смета за една од најблагородните фотографски техники, како во однос на нејзината специфична естетика, така и во однос на квалитетот и трајноста на самите фотографии.

Кај нас до сега никој не се занимавал со ваков вид на фотографија. Оригиналните фотографии се направени на стаклени плочи. Изложениве дела се дигитално испечатени скенови од стаклените плочи, објаснува Алушевски.

Најавата за изложбата со поднаслов „Портрети на уметници – Ситуацијата е розова“ ја напиша самиот Алушевски.

Текстов го напишав сам и сметам дека е невкусно себеси да си се обраќам во трето лице. Поднасловот е на вас да го протолкувате. Им благодарам на сите кои имале храброст да застанат пред мојот фотоапарат. Му благодарам на Владо Димоски за безрезервната поддршка и креативната соработка во опремувањето на поставката. И на Кети Талевска за целата работа на видеото.

Од поширокиот избор на фотографии, избрани се токму овие, од крајно субјективни причини. Фотографиите се настанати во различни контексти. Некои од нив се направени на ликовните колонии Арт Поинт Гумно 2019, Де Ниро 2020, има фотографии од работилницата за колодиумска фотографија на МакеДокс 2018, а повеќето се направени наменски, во студио во Скопје, за да бидат дел од оваа серија. Циклусот беше најавен во 2020 година и го сметам за отворен и може да трае со години, со намера, да се направат портрети на нашите уметници од сите бранши и генерации, на благородна техника и крајно субјективен избор и пристап кон портретираните. Од уметниците е побарано да го искажат сопственото гледање, став кон уметноста, односно она што на англиски би се нарекло „artistic statement“, или нивното гледање на статусот на уметникот во нашето општество, важноста на културата во наш контекст. Во голема мерка сето ова стана дополнително занимливо, од причина што, кога идејата беше скицирана, светот сè уште безгрижно се тркалаше во „добробитие“ на капитализмот, а идејата за пандемија беше непозната, барем за поголемиот дел од луѓето. Верувам дека за време на изолацијата, свеста за важноста на културните содржини некако (можеби на подобро?) се промени. Нивните ставови можат да се видат и слушнат на видеото.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.