На 16.5.2019 година со почеток во 20 часот во НЛБ Галерија ќе биде отворена изложбата на фотографии од Дејан Колевски насловена како „Јапонија“.
Изложбата е составена од четириесеттина уметнички фотографии, за кои самиот автор вели:
Изложените фотографии, изработени во црно-бела и колор техника, се од Јапонија каде што во текот на мај 2016 престојував во градовите Токио, Јокохама, Осака, Кјото и Каназава.
Јапонија ја посетив како турист без некоја однапред подготвена агенда за посета на места и знаменитости. Имав план само кои градови ќе ги посетам во текот на престојот од две недели. Уште пред да го планирам патувањето имав прочитано повеќе текстови и книги на тема Јапонија па мислев дека сум добро подготвен за допир се една различна култура. Сепак, Јапонија е сосема поинаков свет од оној во кој живееме, а тоа се сфаќа брзо по пристигнувањето. Тоа е земја на контрасти, а споевите или судирите меѓу традиционалното и модерното можат да се видат насекаде, почнувајќи од облеката на луѓето до архитектурата. Се надевам дека изложените фотографии на посетителите ќе им доловат дел од прекрасната Јапонија.
Дејан Колевски се занимава со фотографија од 1998 година и е активен член на Фото Сојузот на Македонија (ФСМ). Автор е на 4 изложби: „Места и моменти“, мај, 2005, КЦ “Точка“, Скопје; „Мотиви од Македонија“, мaj 2007 – Заедничка изложба на фотографии со Христина Патчева; Изложба во рамките на денови на Македонската култура во Германија, Information Center “Europa Direkt”, Келн, Германија и „Поезијата на секојдневиоето“, Ноември 2013, Самостојна изложба на фотографии во Национална галерија на Македонија “Мала Станица“, Скопје.
Колевски учествувал на повеќе државни и меѓународни изложби на фотографија. Неговите фотографии во континуитет се изложувани на манифестацијата “Денови на Македонската фотографија“ почнувајќи од 2000 година и се дел од националните колекции на фотографии со кои Фото Сојуз на Македонија учествувал на FIAP (Fédération Internationale de l’Art Photographique) изложби.
Колевски е добитник на: Прва награда за колекција фотографии на “Денови на македонската фотографија” 2010; Диплома за фотографија на меѓународната изложба на фотографии “Фото Салон Куманово 2010”; Диплома за колекција на фотографии на “Денови на македонската фотографија” 2011; Втора награда за колекција фотографии на “Денови на македонската фотографија” 2012; Сребрен медал за фотографија ‘PERSPECTIVE One – International Salon of Fine Art Photography 2013; Бронзен медал за фотографија – Фото Изложба Куманово 2014; Диплома за колекција фотографии на “Денови на македонската фотографија” 2058; Прва награда за колекција фотографии на “Денови на македонската фотографија” 2018 и Бронзен медал за фотографија – Фото изложба Balkan Frame 2018, Чачак, Србија.
Изложбата ќе остане во НЛБ Галерија се до 28.5.2019 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.