Во просториите на Културно информативниот центар, вечерва (25 октомври) со почеток во 20 часот ќе биде отворена изложбата на фотографии насловена како: „Дрезден: лица/простори/време“. Авотри на фотографиите се Иван Блажев, Александар Кондев и Матијас Шуман.

Во каталогот за изложбата, Владимир Јанчевски ќе напише насловен „Мојот Дрезден“, во кој меѓу другото вели:

Никогаш не сум бил во Дрезден. Моето прво сеќавање за името на ова место и еден специфичен дел од неговата историја е една иконичкa фотографиja од градот, снимена непосредно по неговото бомбардирање во февруари 1945 година. Веројатно, тоа е една од највпечатливите сцени од разорната моќ на последниот крик на технологијата во функција на војната. Подоцна, во текот на студиите Дрезден посредно го запознавав и преку репродукции од делата во Галеријата на старите мајстори, гордост на овој саксонски град.
Некои објекти од социјалистичкиот период, кои во голема мера наликуваат на скопските згради изградени тогаш. И веројатно тоа е сè…

Феликс Шилк, пак во текстот објавен во каталогот под наслов „Дрезден и Скопје: помеѓу
носталгија и перманентно почнување одново“, напиша:

Во близина на мочуриштата на Источна Елбија, со населбите на Лужичките Срби, почнува да се распространува словенското говорно подрачје, од каде потекнува и осум века стариот назив на Дрезден – Drježdźany. Во 6 век, кога словенските племиња навлегле на Балканот, римската населба Скупи била преименувана во денешно Скопје. Урбанистички гледано, малку работи
потсеќаат на словенското минато, иако поновата историја бележи уништување и обнова и во двата града.
Во 20. век, два настана ќе се врежат во колективното сеќавања на овие градови. Бомбардирањето на Дрезден од 13. февруари 1945 г. и разорниот земјотрес од 26 јули 1963 г. во Скопје, којшто во рок од 20 секунди го уништи градот и остави десетици илјади жители на улица. Под закрила на Обединетите Нации и со меѓународна поддршка од повеќе од 80 држави, овој
југословенски град беше обновен. И Источна Германија, односно Германската Демократска Република испрати своја делегација на Црвениот Крст, чие седиште беше во Дрезден. Оваа хуманитарна соработка резултираше во збратимување на градовите во 1967 г. Во сеќавање и како знак на благодарност, улица во западниот дел на Скопје го носи името Дрезденска.

Изложбата ќе биде отворена во рамки на манифестацијата „Денови на европско Скопје“ во организација на Дирекцијата за култура и уметност со подршка на Град Скопје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.