Изложба на дигитални графики од студентите од Факултетот за ликовни уметности

Култура 29.12.2021 / 9:42

Студентите од Катедрата по графика при Факултетот за ликовни уметности – Скопје денеска организираат изложба на дигитални графики во Сули ан.

Овојпат Катедра по графика ја претставува изложбата „Мултиоригиналите и дигиталното“, која е продолжување на неодамна одржаната изложба „Мултиоригинал“. Се одлучивме да претставиме новосоздадени дигитални графики на студентите учесници во проектот: Мирела Имероска, Тамара Марчевска, Милена Петковска, Сара Митковска, Анастасија Пауноска, Викторија Калемџиевска, Михаил Паскоски, Марко Печеновиќ, Ева Симевска и Милица Величковиќ, соопшти ФЛУ.

Дигиталните дела се инспирирани од дел од графиките од депото на Катедрата по графика кое можеби ја има и најбогатата збирка на современа графика во земјава. Како што наведува ФЛУ, ова се должи на фактот дека Факултетот за ликовни уметности на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, од своето основање во 1980 година, континуирано ја негува графиката како една од основните изразни ликовни/визуелни дисциплини.

Проектот е поддржан од Министерство за култура и е осмислен и организиран од проф. д-р Славица Јанешлиева, проф. м-р Ладислав Цветковски и асс. м-р Ана Спасова.

Изложбата ќе биде поставена до 20 јануари 2022 година, со почитување на КОВИД-протоколите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


Comments are closed for this post.