На 23 април, (вторник), со почеток во 20 часот, во просториите на ЈУ Музеј на град Скопје ќе се отвори изложбата Икони од музеј на град Скопје. Автор на изложбата и каталогот е м-р Викторија Грозданова Коцевски, кустос советник, историчар на уметноста, а за значењето на презентираните дела ќе говорат Фросина Зафировска, в. д. директор на ЈУ Музеј на град Скопје и проф. д-р Сашо Цветковски.

Изложбениот концепт опфаќа презентација на педесетина икони кои припаѓаат на фондот на ЈУ Музеј на град Скопје, а датираат од времето на 19 и почеток на 20 век. Збирката Икони од музеј на град Скопје се формирала во изминатите пет децении. Иако овој фундус на икони е мал по обем, сепак по својата впечатлива и вредна содржина во голема мера го отсликува развојот и еволуцијата на стилските особености на црковната уметност низ 19-от век во Скопје и скопско, но и пошироко на територијата на нашата земја. Автори на делата се најталентираните зографи на македонската преродбенска уметност како Дичо Зограф, но секако и неговите следбеници Петре Пачаров Дебранец, Благој (Блаже) Дамјанов, Дамјан Зограф од Крушево, Димитар Андонов Папрадишки и др. Неопходно е да се посочи дека овој концепт претставува прво прикажување на збирката како единствена целина, при што на пошироката јавност ќе и се овозможи поаналитичко запознавање со иконографскиот и стилско – ликовниот развој на зографската „ренесансна уметност” низ бурните текови на 19 век на нашата територија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.