На 4 октомври (петок), во 20 часот, во Кинотека, ќе се одржи изложба на фотографии и промоција на монографијата „La vida de la Habana / Животот во Хавана“ од Роберто Брсакоски.
Колоритниот и динамичен главен град на Куба, Хавана, е во фокусот на книгата. Во април 2017 година, резервирајќи пат и престој преку интернет, во придружба на својот фотоапарат, авторот Брсакоски тргнува на двонеделен престој во Хавана. Тоа што за тие 14 дена го видел и го доживеал во Хавана го забележал со својот „канон“. Кубанците се постојано присутни во речиси секој кадар на фотографиите. Најобични луѓе во најразновидно опкружување што импресионира со својот колонијалистички стил што се распаѓа во времето и просторот.
Оваа импресивна фотоколор-монографија „La vida de la Habana / Животот во Хавана“, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, содржи 120 фотографии. Книгата тематски, фотографски е поделена на четири фотоедиции по триесетина колор-фотографии насловени: „Луѓе“, „Улици“, „Возила“ и „Архитектура“.
Книгата беше промовирана во јули оваа година во книжарницата „Литература.мк“ на улицата Македонија во Скопје, по што беше претставена и во Куманово. Авторот планира промоции и изложби во Штип, Прилеп, Битола, Софија, Солун, Белград и Њујорк.
Во Кинотека ќе бидат изложени 42 фотографии од монографијата од кои некои веќе учествуваа на меѓународни изложби и освоија награди.
Промотор на „Животот во Хавана“ ќе биде писателот Владимир Плавевски, кој е автор и на предговорот на монографијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.