На 24 септември (20 часот) во Музејот на современа уметност во Скопје ќе се отвори изложбата „Егзил“ на Ранко Дакиќ.
Изложбата ќе презентира педесетина негови дела (цртежи, слики и скулптури) работени во последниве триесетина години односно по неговото напуштање на Македонија во 1987 година. Тој денес живее и работи во Берлин, Република Германија.
Куратор на изложбата Златко Теодосиевски
Проектот е финансиски поддржан од Министерство за култура на Република Македонија
Творештвото на Ранко Дакиќ (1958, Скопје) не цели да ни открие зачудувачки новости во сликарството или скулптурата. Впрочем, тоа денес тешко да може да го направи кое и да е’ творештво. Но може, на пример, да ни го отвори неговиот внатрешен свет, а може и неочекувано да ни помести некои граници во македонската ликовна уметност. Уметноста на Дакиќ не е поводлива и не е подведлива, таа не сака да биде национална, па ни интернационална. Таа цели да биде анационална односно сака да биде само – уметност. Во извесна смисла таа е егзистенцијална. Но не егзистенцијалистичка во философската смисла на зборот, туку како некаков личен творечки одговор на егзистенцијалните дилеми, на разбирањата на уметноста, на истражувањата на личните перцепции на визуелното ама и на личните страсти, ст(р)авови, победи и порази … Уметноста на Дакиќ не признава стил и/или развој. Се’ што уметникот ќе создаде е негов „стил“ и негов „развој“, неговата уметност е тој – лично и персонално – и тој е неговата уметност. Целосно и неотповикливо.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.