Годишната распределба на проекти и средства преку Програмата за издавачка дејност, исто како и лани придонесува за влошување на состојбите во издаваштвото и обезвреднување на работата на издавачите, авторите, преведувачите и останатите професионалци во областа, се вели во реакцијата на Македонската асоцијација на издавачи.

„Годинешнава програма ја оспоруваме од повеќе причини, и тоа: 1) Внесување нов систем на „бодување“ кој е паушално применуван, без унифицираност и вистинска основаност; 2) Намалување на буџетите за реализација во голем број случаи во однос на минати години, како и постоење на двојни стандарди за одредување на износот со кој проектот е поддржан, што посебно ќе се одрази во делот за авторски хонорар; 3) Отсуство на почит кон етаблираните издавачки куќи, нивното портфолио, досегашно искуство, број на ангажирани лица, сите аспекти кои гарантираат квалитетна реализација и пласман на поддржаните книги – преку нивно изедначување со новоформирани фирми; 4) Поддршка на проекти кои воопшто не можат да бидат сметани за литературни, а не пак за литература со високи вредности, што е еден од главните критериуми на овој конкурс; 5) Уривање на дигнитетот на авторот преку доделување на рекордно ниски средства за реализација. Наместо да расте од година в година, посебно во делот за оригинални книжевни дела, се деградира и се распределува без постоење на какви било параметри.

Како издавачи, бараме Министерството за култура, покрај најавеното ревидирање на отфрлените проекти, да го ревидира и списокот на прифатени проекти и одново, на транспарентен начин да направи нова распределба. Притоа, бараме Министерството да ја има во прв план целта да ја унапреди издавачката дејност и книжевната продукција во Македонија преку поддршка на проекти кои навистина ќе придонесат за тоа, а посебно да го почитува дигнитетот на авторите и нивните дела, без разлика на кој јазик творат“, се вели во реакцијата на Македонската асоцијација на издавачи.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.