Жири-комисиите составени од истакнати писатели, литературни критичари и есеисти ги донесоа одлуките за добитници на традиционалните награди на Друштвото на писатели на Македонија за книжевната продукција во изминатата 2018 година.

На Конкурсот распишан во текот на месец декември минатата година беа поднесени вкупно 61 книжевно дело во конкуренција за петте награди. Според одлуките на комисиите за романот Маџун Влада Урошевиќ ја добива наградата „Стале Попов“, за поетската збирка Патот Виолета Танчева-Златева ја добива наградата „Ацо Шопов“, за критичко-есеистичката книга Мозаик од гласови Лидија Капушевска-Дракулевска ја добива наградата „Димитар Митрев“, за краткиот роман за деца Не паркирај гаража Трајче Кацаров ја добива наградата „Ванчо Николески“ и наградата „Мост“ за најдобра книга напишана на еден од јазиците на националностите во Македонија ја добива Рифат Емин за поетската збирка Bi-nihauet (Без-конечно) на турски јазик.
Комисиите работеа во состав: Лорета Георгиевска-Јаковлева (претседател), Кристина Николовска и Оливера Ќорвезироска (за проза); Владимир Мартиновски (претседател), Вања Изова-Велева и Благој Самоников (за поезија); Васил Тоциновски (претседател), Анастасија Ѓурчинова и Јагода Михајловска-Георгиева (за критика и есеистика); Киро Донев (претседател), Мито Спасевски и Фејзи Бојку (за литература за деца) и Гордана Стојковска (претседател), Октај Ахмед и Делвина Крлуку (за книга напишана на некој од јазиците на националностите во Македонија), соопштува Друштвото на писатели на Македонија.

Претседателство на ДПМ

Наградите ќе бидат врачени на свеченоста што ќе се одржи на 13 февруари (среда) со почеток во 11 часот во просториите на Друштвото, во знак на одбележување на 72-рата годишнина од основањето на писателската асоцијација.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.