В сабота, на 19 септември, во дворот на Кинотека  ќе започне првиот дел од шестото издание на Филмскиот фестивал за музички документарни филмови Скопје Синема Сити.

Овој викенд премиерно ќе бидат прикажани четири филма кои се тематски поделени во два дела.  Фестивалот ќе се отвори со филмот „Декади“ на режисерот Мајк Кристи за бендот „Њу Ордер“ кои се артисти во фокус на фестивалот. Филмот е приказ на нивниот проект со Манчестерскиот интернационален фестивал каде што се случуваат уметнички инсталации и проекти.Филмот е истовремено полуконцертен и полудокументарен филм за оваа соработка и серија настапи по европските градови. Истата вечер, ќе биде прикажан филмот „Изнесено на виделина“ за познатиот уметнички фотограф и режисер Антон Корбејн. Филмот е биографски и го следи како соработува на фотосесии со бендови како U2, Depeche Mode, или на сцена додека ги режира филмовите како „Контрола“ и „Американецот.“

Втората вечер, на 20ти септември, е џез вечер и ќе бидат прикажани филмовите за Ли Морган „Го викав Морган“ и „Бил Фрисел: Портрет“. Ли Морган бил еден од најталентираните џез трубачи со блескава кариера и џез изданија кои се сметаат за антологиски. Меѓутоа неговата кариера била запрена кога бил убиен од сопругата.

Помеѓу овие два филма ќе следи настап на реномираниот џез гитарист Сашо Поповски. Поповски е професор по гитара на унив. Гоце Делчев – Штип, директор на Jazz Factory фестивалот во Битола, а наскоро треба премиерно да го објави својот нов албум „Fallen Land” за етикетата на Скопскиот Џез Фестивал.

Карти за проекциите ќе можат исклучиво да се набават на касата на Кинотека.

Фестивалот е организиран согласно здравствените протоколи.

Вториот дел од фестивалот ќе се организира на 2 и 3 октомври.

Фестивалот е во организација на здружението Номад-Арт Скопје во соработка со Кинотека и е помогнат од Агенцијата за филм.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.