Исламската верска заедница ја презема сопственоста врз зградата на Албанскиот театар за деца и младинци во Скопје, објави Алсат.
Образложението е дека објектот бил вакаф, односно верски посед на ИВЗ. Алсат има катастарски документ кој докажува дека веќе неколку дена овој објект и официјално се води како сопственост на ИВЗ. Тоа ни го потврдија и од верската заедница, односно од скопското муфтиство. Според нив, театарот нема потреба да го напушта објектот сè додека не најде нов простор.
Челниците на Албанскиот театар за деца и младинци во Скопје велат дека не се известени за таква одлука. Директорката, Дијана Тоска, телефонски ни рече дека нема што да каже додека не добие официјално соопштение.
Ист став и од Министерството за култура. Заменик-министерот, Седат Сулејмани, ни рече дека ќе се распраша за случајот и ќе ја извести јавноста. Денеска не сме добиле дополнителен став од него.
Неофицијално се дознава дека на Театарот за деца и младинци ќе му биде понуден дел од Албанскиот народен театар во Скопје, но актерите се противат. Инаку, Владата со буџетот за годинава додели средства за реновирање на објектот во Чаршијата, поточно подрумот на детскиот театар и негово прилагодување во работни простории.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.