Младата поетеса Ива Дамјановски за книгата „Двоумење“ (Издание на ПНВ Публикации)“ е годинашен добитник на најпрестижната поетска награда „Браќа Миладиновци“, што Струшките вечери на поезијата ја доделуваат за најдобро поетско издание меѓу два фестивала.

„Ако изминатава година, во поетската продукција на македонски јазик има нешто што може да ја понесе толку употребуваната, дури и излитена синтагма „книжевен настан“, тогаш според мислењето на жири-комисијата за доделување на наградата „Браќа Миладиновци“, тоа секако е книгата на младата Ива Дамјановски. Како хабитус на една нова генерација, а во исто време и сензибилност која е безвременска, како музикалност и интермедијалност која вибрира на рабовите на поетскиот израз којшто се повеќе се втурнува кон другите уметности, ова книга е доказ и показ дека македонскиот јазик е сочен, жив и квалитетен материјал од кој може да се изградат песни кои се стимулативни и за уво, и за срце, и за мисла“ – пишува во одлуката за националната поетска награда „Браќа Миладиновци“.

Жири комисијата ја сочинуваа Ангелина Бановиќ Марковска – претседател, Анастасија Ѓурчинова, Соња Стојменска Елзесер, Душко Крстевски и Никола Маџиров.

Викендов во Струга се одржаа 59-те Струшки вечери на поезијата, каде годинава учествуваа 20 странски поети со видео читања и 20-тина домашни поети.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.