Министерот за култура Хусни Исмаили, денеска присуствуваше и се обрати на свеченото отворање на 5. Меѓународен конгрес на општествени науки кој оваа година во соработка на Меѓународниот Балкански универзитет, Универзитетот на Тракија, Универзитетот Намик Кемал од Текирдаг и Универзитетот Мармара се одржува во Скопје.
Во своето поздравно обраќање министерот Исмаили го изрази задоволството од досегашната соработка меѓу Република Македонија и Република Турција која се одвива во духот на пријателството и традицијата, со постојани заложби за нејзино унапредување.
Исмаили говореше за непроценливата важност што културата, науката и образованието ги имаат во градењето на пријателството и довербата помеѓу земјите од светот, споменувајќи ги бројните заеднички реализирани проекти во културата, уметноста, издаваштвото, соработката со ТИКА, како и соработката во областа на образованието и размената на искуства, што претставуваат светол пример и афирмација на универзалните вредности кои, пак, помагаат за поголемо взаемно почитување, запознавање и градење свет на толеранција, богат со различности кои меѓу себе се надградуваат создавајќи нов квалитет.
Покровител на Конгресот кој на Балканскиот универзитет се одржува денес и утре е претседателот на законодавниот дом на Турција, проф.др. Мустафа Шентоп. На отворањето беа присутни и амбасадорката на Турција во Скопје, Тулин Еркал Кара, министерот за јавна администрација на Република Косово, Махир Јагџилар, заменик-претседателот на Собранието на Турската Република Северен Кипар, Зорлу Торе, високи гости од Турција, пратеници и професори од двете земји.
Конгресот е поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Турција, ТИКА, Институтот Јунус Емре, Унијата на општини на Турција, Општините Османгази, Бахчелиевлер, Сивас и Сулејманпаша од Турција, Туркиш Ерлајнс и Стопанската Комора на Измир.
Покрај протоколарниот дел ќе се одржат и три панели со учество на еминентни панелисти од земјава и од странство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.