Милица Стојанова, доајенката на македонското глумиште денеска наполни 88 години. По тој повод таа ја испрати следната порака:
Разни нешта беа и минаа за овие 88 години. И радосни и тажни. Не беше секогаш лесно, ама секогаш беше со истрајност и волја. И војна и рушење и мир и градење. Треба да се оправда раѓањето и да се заслужи смртта. Да бидеме сите смерни, достоинствени, трпеливи и одговорни во овие не лесни времиња. Имало и потешко од ова. Само трпение и грижа за ближните, порача Стојанова.
Стојанова е македонска театарска, филмска и телевизиска глумица. По завршувањето на Средната театарска школа во Скопје, работела во Радиодрамата во Скопје, а потоа во Драмата на МНТ од 1953 до 1964 година. Од 1964 година па се до пензионирањето била во Драмскиот театар во Скопје. Добитник е на повеќе високи признанија – на највисоката Републичка награда „11 Октомври“ за ролја и за животно дело, потоа на Наградата на градот Скопје „13 Ноември“, на Стериината награда на Театарските игри во Нови Сад , како и на Театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Два пати е прогласена за артист на годината од страна на ревијата „Екран“ од Скопје.
Не може да не се дојде во театар, оној кој е вљубен во театарот. А јас сум во театарот од 1953 година. Доживеав да ја играм Алма Малер и во новата зграда на Македонскиот народен театар. Еј, која радост беше тоа. Не смее да не се дојде во театар, особено во ваква ситуација, актерите да се видат меѓусебе. Сега помалку се гледаме, отколку во мое време, изјави лани Стојанова на прославата на 74. роденден на МНТ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.