Професорот Илија Чашуле на својот фејсбук профил се осврна на негрижата за македонскиот јазик, состојбите во МАНУ, Институтот за македонски јазик, Катедрата за македонски јазик и македонистите во странство…

Чашуле од 1987 година замина во Австралија, каде 13 години беше шеф на Катедрата за македонски јазик на Универзитетот “Маквори” во Сиднеј, а од 2000 година е професор на Катедрата по лингвистика каде предава теорија на јазик, историска лингвистика и историја на индоевропските јазици. Автор е на 6 книги и на повеќе од 90 статии објавени во истакнати европски и светски научни списанија.

Да кажам нешто за состојбата во нашата македонска лингвистика. Таа е очајна. Во МАНУ има само еден квазилингвист и згора на тоа докажан плагијатор г-дин Марјан Марковиќ (кој препишал 20-тина страници и кој згора на тоа и интервенирал во еден пдф фајл, т.е. го фалсификувал) со минимална и малку значајна научна актива. Да биде уште пострашно, МАНУ го стави член на уредувачкиот одбор на списанието Прилози!

Значи нема никој. Што е важно во крајна линија како се вика државата, ако нема ниту еден македонист лингвист во највисоката научна институција.

На Катедрата за македонски јазик дваесетина години не е примен лингвист а научниот досег на кадарот се чини едвај стига до Ниш (или Бујановац) и не е обмислен и главно е застарен или површен. Не само што стоиме во место – туку назадуваме.

Истото и во Институтот за македонски јазик, и таму дваесетина години не се прима никој и има се чини стагнација (со чесни исклучоци).

Недостига визија.

Македонистите во странство, големи наши пријатели или остареа или си заминаа.

Простете, ама нашите негатори и непријатели не мораат ништо да прават. Длабоката антимакедонска јазична политика си ја кроиме ние.

А нашиот македонски јазик е преубав, пребогат, типолошки извонредно интересен, ги чува (или ги крие) нашите длабоки историски корени, одекнува низ целиот Балкан. Има работа за, да не претерам, стотина лингвисти.

Ме боли сево ова. А ако повредив некого нека ми биде простено, но состојбата во македонската лингвистика е за голема срамота.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.