Вечерва (понеделник, 6 мај) од 21 часот, во Менада ќе се промовира новата книга „Кога заминав од Карл Либкнехт“ на наградуваната македонска писателка Лидија Димковска, во издание на ИЛИ-ИЛИ. По ангажираната поезија во „Црно на бело“ и романите „Резервен живот“, „Но-Уи“ и „Скриена камера“, овој пат Димковска на читателите им „подарува“ одлична збрика со раскази, меѓу кои пет од нив како целина го добија Специјалното признание „Европско културно наследство“ во рамките на конкурсот за расказ „Европски приказни“ наменет за добитниците на Наградата на Европската Унија за литература.
Модератор на промоцијата е Теа Беговска.
Промоторки се Елизабета Шелева и Александра Јуруковска.

Во освртот кон книгата, книжевната критичарка Александра Јуруковска вели:

Еве ја новата книга на Лидија Димковска, фасцинантна како и сѐ напишано од неа. Најсилниот глас на современата македонска литература, подеднакво моќен и во поезијата и во прозата, овој пат и на теренот на расказот. И тоа каков расказ. Какви раскази! Збирката „Кога заминав од „Карл Либкнехт“ е смислена како 27 исповеди на луѓе од различни страни на светот чиј живот на некој начин бил поврзан со името на Карл Либкнехт, поточно за адресата врзана со неговото име. Секој од расказите е мини-новела, роман, па и материјал за филм со сите нишани. Јасна слика, атмосфера што лесно може да се почуствива. Звуци, мириси, бои што од приказните лесно се префрлуваат на читателот. Тоа е мајсторството на Димковска, тоа е магијата на нејзиното писмо. Секоја приказна е микросвет сам за себе, а сепак сите заедно се една поголема, компакнта целина. На макро план јасна и ангажирана вивисекција на актуелните случувања во Европа и светот. Миграциски и идентитетски кризи, азилантски приказни, преселби, напуштања, бегања. Поимот дом, (не)вдоменост, дводомност и/или повеќедомност, припаѓање на една и повеќе култури, јазици и преминувањето на многу, многу граници. Еден од ликовите во расказите „Кога заминав од Карл Либкнехт“ вели: „Знам повеќе јазици, ама само на еден знам да раѓам литература“. Ако реченицата од ликот му ја препишеме на оној што го создал, односно на писателот, тогаш за македонскиот јазик нема поголемо признание и радост, бидејќи е пишуван и ширен од автор како Лидија Димковска.

Лидија Димковска (1971, Скопје) е поетеса, романописка и преведувачка од романски и словенечки јазик на македонски. Објавила шест поетски збирки и три романи, преведени на повеќе од дваесет јазици. Ја добила македонската награда за дебитантско поетско дело, германската „Хуберт Бурда“, романските „Поесис“ и „Тудор Аргези“ и „Европската награда за поезија Петру Крду“. За своите два романа „Скриена камера“ (2004) и „Резервен живот“ (2012) ја добила наградата за проза „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија, а за „Резервен живот“ и наградата на Европската Унија за литература (2013), а бил номиниран за американската награда за „Најдобра книга во превод“. Во 2016 год. го објавила романот „Но-Уи“, номиниран за наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија и за меѓународната награда „Балканика“. Објавила и еден „Американски дневник“ (2017), а составувач е на антологијата на најмладата македонска поезија „20.млади.мак.поети.00“, на антологијата на современата словенечка поезија и на антологијата на малцинската и имигрантската книжевност во Словенија „Од јазик на јазик“. Учествувала на бројни меѓународни книжевни средби и читања и престојувала на многу книжевни резиденции низ светот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.