В среда, на први декември во издание на „Или-Или“ од печат ќе излезе книгата „Моите ноќни возови“ од реномираниот француски писател Ерик Фај. Преводот од француски на македонски јазик е на Гзиме Старова, дизајнот на корицата е на Марија Смилевска, а излегувањето на книгата е финансиски помогнато од Министерството за култура и Францускиот институт во Скопје.
Ерик Фај во „Моите ноќни возови“ нè повикува на ноќно, уверливо патување со возови низ Европа и Азија (од Париз, Прага, Москва, до Владивосток, Монголија, Пекинг…) во времето пред падот на Берлинскиот ѕид и крајот на Варшавскиот пакт. Возот го продолжува својот пат меѓу два различни света, обликувани од анахроните императиви на иделогиите, непомирливоста на режимите, светските антагонизми. Тоа возовите го чинат секојдневно и секогаш со нови патници. Секој од нив минува од едно во друго доживување. Ерик Фај настојува да биде уверлив записинчар на нивните судбини. Низ една ретка идеја, да ги поврзе асоцијативните импресии и размисли низ пругите во еден вид „среќна полноќна инсомнија“, авторот нè поведува низ свет со граници кои го изгубиле своето некогашно значење, низ простори на империи кои повеќе не постојат, низ идеологии кои непомирлво се држат на старите позиции, низ цивилизации коишто ги задржале знаците на некогашното постоење. Тој ги поврзува хрониките за белешките од долгите коридори на вагоните од возовите преполни со различни ликови, кои ја играат полноќната улога на своите народи.
Во поговорот на книгата, писателот Луан Старова вели: „ Познатиот француски романсиер Ерик Фај, релативно млад (роден 1963) се здобива со книжевна слава и тој денес е автор на голем книжевен опус (над дваесетина романи, есеи и др.). Поголем дел од својот работен век го минува како новинар на новинската агенција „Ројтерс“. Во 2010 година е добитник на престижната награда за „Роман на годината“ на Француската Академија. Признанието го добивa за романот „Нагасаки“. Тој е добитник и на други книжевни награди, меѓу кои за позначајна се смета онаа на УНЕСКО-ГАЛИМАР во 1999 г. Ерик Фај не само што со своето оригинално романескно творештво, со длабок интелектуален засек и распространета читливост ја има оправдано довербата на големите издавачи како Gallimmard, Seuil, Fayard, Stock, Corti… туку има посебно место меѓу култивираните француски читатели. Тој е објавуван на многу јазици во светот како исклучителна појава во новата француска литература“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.