Деновиве од печат излезе преводот на книгата „Чудовиштето“ од Владимир Зарев, како 199 наслов во популарната едиција „ПРОаЗА“ на издавачката куќа „Или-Или“. По издавањето на романот „Пропаст“ од истиот автор во 2019 година, „Или-Или“ продолжува да ја следи работата на познатиот писател, чии дела од бугарски на македонски јазик ги преведува Бранислав Мирчевски. Излегувањето на книгата е поддржано од мрежата ТРАДУКИ.
Со поднаслов „Роман за раѓањето и заминувањето, за стравот и љубовта, творештвото и слободата, за споменот и заборавот, младоста и стареењето, за ЧОВЕКОТ“, книгата на Зарев е уште еден современ роман во кој авторот ја покажува својата комплетна пишувачка зрелост. „Чудовиштето“ е роман за љубовта, за невозможната, безнадежна, но чиста и искрена љубов меѓу стариот писател и убавата млада новинарка. Нивните животи се испреплетуваат, но и се заробуваат во синџирите на моралната кауза. Роман за мудроста и големото прашање, дали е доволна за разумот на разумниот да се исправи пред моралните закони во него. Злото е привлечно, неговата појава секогаш е само навидум случајна, а всушност строго испланирана и контролирана. По преводот на романот „Пропаст“ и одличниот прием кај македонските читатели, „Чудовиштето“ е нов предизвик за сите рафинирани љубители на квалитетната литература.
За книжевните критичари, романот „Чудовиштето“ е лебедовата песна на Владимир Зарев. Ништо не останува засекогаш, вели Зарев на почетокот од книгата, па ни љубовта, останува само споменот за неа, нејзината сенка, нејзиниот здив. Колку е човекот мал и ништожен кога согорува во својот копнеж да се одложи крајот, смртта да се смилостиви да го остави уште малку да се насладува на љубовта. Но дали таа негова желба не е крајно себична и горка?! Зарем е малку еден човечки живот за да се љуби и да се биде љубен?! Булгаковски е крајот на „Чудовиштето“, искупувањето доаѓа преку љубовта, таа е чистата есенција на постоењето, без неа ниту злото ниту омразата не би можеле да преживеат бидејќи на кантарот ќе си тежат самите на себе, ќе немаат противтежа, напиша за делото, д-р Ана Витанова-Рингачева.
Владимир Зарев (1947) е современ бугарски писател роден во Софија. Работи како универзитетски професор по бугарска литература, а од 1973 г. е уредник на одделот за белетристика на списанието „Современик“. Романите му се преведувани на многу светски јазици, а Пропаст (ИЛИ-ИЛИ, 2019) по дванаесетте изданија во Бугарија стана бестселер и во Германија и САД. По романот е снимен филмот „Времето е наше“. Добитник е на државните награди „Иван Вазов“ и „Елин Пелин“. Во 2017 г. ја добива Државната награда „Св. Паисиј Хилендарски“ за исклучителен придонес ва развојот на националната културна идентификација и духовни вредности.
Автор е на романите: Демонот на нетрпеливоста ( 1975), Процес (1984), Загар (1987), Лето 1850 ( 1988) , Пропаст (2003), Поп Богомил и совршенството на стравот (2005), Чудовиштето ( 2019), на трилогијата: Битие (1978), Исход (1983) и Закон (2012), како и на повеќе поетски книги.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.