Излезе во печат книгата за деца „Арно ама“ од Калина Малеска, со илустрации на Владимир Лукаш, а во издание на „Или-или“.
Делото е збирка раскази во кои протагонистите се две братчиња, Дамјан и Марко, и нивните другарчиња од населбата во која живеат. Иако секој расказ е завршена целина, сепак, со оглед на тоа дека дејството се одвива хронолошки во текот на една година, книгата истовремено може да се чита и како роман.
Специфичноста на овие раскази се нивните впечатливи ликови кои не се идеализирани, туку имаат карактеристики на реалните деца – се радуваат, љубопитни се, но некогаш и се нервираат, се лутат, се караат. Делото третира прашања и проблеми со кои денешните деца навистина се соочуваат, како: убави но и стресни доживувања во градинките и училиштата, насилници во маалото, изгубени играчки и книги, префрлување во ново училиште и нова средина при селење, изнаоѓање пријатели, комуникација со дечиња од други националности, негрижа на некои луѓе за животната средина, ривалство меѓу братчиња и сестрички, осаменост и слично. Таквите проблеми со кои се соочуваат децата се прикажани низ реалистично раскажување, што повремено е испреплетено и со фантастични елементи, особено кога доминира детската имагинација.
Особено интересни се заплетите во секој расказ, кои се најавуваат со зборовите „арно ама“ – при што вообичеаната секојдневна ситуација, како резултат на одредени околности, се усложнува, по што ликовите се обидуваат да изнајдат начини за да ги решат произлезените проблеми. Низ оваа постапка, особено доаѓаат до израз различни наративни техники, со што се поттикнува интересот на децата кон раскажувањето и литературата. Кон ова придонесуваат и многубројните референци на повеќе или помалку познати приказни за деца од целиот свет. Поуките не се искажуваат директно, туку младите читатели се учат да размислуваат за сите можности на значење што ги нудат приказните. Интересно во оваа книга е и специфичниот третман при прикажување на родителите, како и на односот на родителите кон децата и обратно, за што се водат отворени разговори меѓу ликовите.
Калина Малеска (1975) е писателка и професорка по книжевност. Авторка е на следниве книги: збирките раскази: „Недоразбирања“ (1998), „Именување на инсектот“ (2008) и „Мојот непријател Итар Пејо “(2016); романите: „Бруно и боите“ (2006) и „Призраци со срмени нишки“ (2014), драмата „Случка меѓу настани“ (2010) и книжевната студија Transformation of the Discourse of Power in Literature (2016). Нејзини раскази и книжевно-истражувачки текстови се објавени во повеќе списанија во Македонија и во странство, а расказот „Поинаков вид оружје“ е дел од антологијата Best European Fiction 2018. Искуствата од нејзиното детството и секојдневната комуникација со деца во сегашноста се инспирација за оваа нејзина прва збирка раскази за деца „Арно ама“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.