Денеска од печат излезе реизданието на романот „Жените Гаврилови“ од Кица Колбе, како 196 наслов во едицијата „ПРОаЗА“ на „Или-Или“, соопштија од оваа издавачка куќа .
Со издавањето на ова преработено и проширено издание на романот оригинално издаден во 2008 година, успешно продолжува соработката на издавачката куќа и авторката, чии два претходни романи „Земја на бегалци“ и „Витезот и Византијката“ предизвикаа одличен интерес кај читателите.
Во својот осврт насловен „Совршен ткаеж“ објавен во „Форум“ во 2009 година, професорката Јелена Лужина за романот на Колбе вели:
Жените Гаврилови се книга-загатка со многу приказна и многу текст, ама и со подтекст чијшто притисок одвај се издржува. Особено таму каде што се тематизираат и се проблематизираат комплексните меѓуженски односи, кои се една од доминантните оски на романот. Една од најважните нишки во неговиот суперипорен ткаеж. Прецизно до пароксизам и сурово до болка, авторката ги истражува односите помеѓу мајка и ќерка, помеѓу две сестри, помеѓу две пријателки, помеѓу жени од различни возрасти и социјални статуси… – за да го долови таинствениот лунарен принцип што ја управува женската егзистенција. Впрочем, тој принцип го управува и овој супериорно исткаен роман. Додека поминувате низ него, несомнено ќе се фатите (многупати, на многу и многу страници) во грешна мисла дека имате работа со апсолутно екслузивен книжевен материјал во кој расните сценаристи и режисери би требало молскавично да ги препознаат потенцијалите рамни или барем блиски на оние од романите на Карен Бликстен („Моја Африка“), на Едит Вартон („Доба на невиноста“), на Вилијам Стајрон („Изборот на Софија“).
Александра Јуруковска, пак, во освртот „Ткаење на текстот“ објавен во „Дневник“ во 2009 година, подвлекува:
Женското во овој роман го има приматот. Се’ се врти околу умешноста на жените. Нивната уметност стигнува до големите светски културни центри, нивните имиња стојат во историјата на Баухаус, близу до имињата на големците како Паул Кле. Силата на таа уметност и умешност е голема и безвременска затоа што не ретко е испреплетана со скриените желби и страдања на тие жени (Гаврилови и македонски) кои во ткаежот, во таа поезија на бои и волна го вткајувале својот горешт љубовен копнеж. Игрите со јазикот се ненаметливи, доаѓаат некако природно, како самиот читател да трага по зборовите на своите предци и одеднаш се наоѓа пред портата на некој странски јазик.
Кица Колбе (1951) студирала филозофија на универзитетите во Скопје и Белград. Магистрирала на естетиката на Теодор В. Адорно, а докторирала на германската естетика од 18-от век. Неколку години работела на катедрата за филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје. Од 1990-тата се посветува целосно на прозата, особено на романот. Нејзини дела се: Егејци (Култура, Скопје, 1990), Снегот во Казабланка (Издавачки центар Три, Скопје, 2005 – прво издание, Магор, Скопје, 2007 – второ издание), Жените Гаврилови (Табернакул, Скопје 2008), Река во наследство, Ein Fluss als Erbe (Скопје и Лангенфелд, 2009), Земја на бегалци (Или-Или, Скопје, 2018) и Витезот и Византијката (Или-Или, 2020). Снегот во Казабланка е добитник на наградата Роман на годината 2006, а Жените Гаврилови во 2009-та беше македонска номинација за наградата Балканика.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.