Издавачката куќа „Или-Или“ го објави новиот роман „Молчи со отворена уста“ од Снежана Младеновска Анѓелков кој ќе излезе од печат в понеделник, на 11 ноември, како 177 издание во едицијата „ПРОаЗА“.
По осумгодишна пауза од дебитантската книга „Единаесет жени“, која се закити со наградата „Роман на годината“ на Утрински весник, авторката ни подарува нов текст во кој уште подлабоко навлегува во својата интима, раскажувајќи приказна која се протега од средината на минатиот век па се’ до денешен ден, сторија чиј заплет и (можен) расплет е нераскинлив дел од историскиот контекст во кој се случува. Младеновска Анѓелков храбро се соочува со вистината гледајќи ѝ директно в очи, и создава роман кој опседнува, освојува, здоболува, во рамките на вистинската традиција на документаристичката проза на врвните мајстори.
Снежана Младеновска Анѓелков (1977, Скопје) дипломирала на ФДУ на отсекот за филмска и ТВ монтажа во 2000 година, а со звањето „Магистер по уметности – област филмска и ТВ монтажа“ се стекнува во 2012 година.
Нејзиниот прв роман „Единаесет жени“ (2011, „Или-Или“) ја доби наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“, и истата потоа доживеа уште две изданија. Во 2014 година ја издаде филмско-есеистичката книга „Слики со животна уверливост“ („Или-Или“) посветена на филмовите на режисерот Владимир Блажевски. Како автор е застапена во тематската збирка раскази „Тивка анестезија“ (2016, Антолог) и во антологиите „Best European Fiction 2017“ и „Contemporary Macedonian Fiction“ (2019) на Dalkey Archive Press.
„Молчи со отворена уста“ е нејзин втор роман.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.