Издавачкатта куќа „Или-или“ го објави новиот роман на реномираната македонска писателка Кица Колбе „Витезот и Византијката“.
Ова е 189 книга од популарната едицијата ПРОаЗА, информираат од „Или-или“.
Иако насловот сугерира историски роман, „Витезот и Византијката“ на Кица Колбе раскажува модерна приказнa за млади филозофи на Универзитетот во Бон, збрани во докторансткиот колегиум околу својот харизматичен ментор, филозофот Симон фон Блументал, благородник и еден од последните претставници на образованото германско граѓанство. Витезот Даниел Клуге, младиот германски филозоф, е модерен просветител, кој верува во научниот прогрес. Тој сонува за иднината во едно усовршено човештво, затоа што верува дека злото е факт на генетиката. Наталија Поленак, Византијката, чии родители потекнуваат од поранешна Југославија, уште не стигнала во сегашноста, од чија грда слика на Балканот бега во идеализираното минато на Византија. Таа верува дека злото е етичка категорија, затоа што е избор. Нејзината траума се постјугословенските војни. Затоа избира да биде на страната на „благородните губитници“ – Византијците. Таа води полемичка војна против Витезот, во истиот миг додека копнее да биде прифатена токму од него. Еден од колегите и‘ го дава прекарот Византијката, за да ја опише нејзината гордост и луцидност.
За романот „Витезот и Византијката“ Лидија Димковска вели:
Кица Колбе како ретко кој писател/интелектуалец ја следи хуманистичката и историската парадигма во својата наративна поетика занимавајќи се со широк спектар на теми и мотиви од македонски, но и од европски и од универзален карактер. Секое ново дело на Кица Колбе, без разлика дали станува збор за роман, студија или колумна, се чита со огромен интерес и љубопитност бидејќи Кица Колбе е авторка која има што да каже, а тоа го прави на извонреден, сериозен, продлабочен и современ начин.
Нејзиниот последен роман „Витезот и Византијката“ , покрај мноштвото наративни слоеви и значења, симболично ја прикажува и отуѓеноста, не-дијалогот и недоразбирањата, меѓу двата дела на Европа – Западот и Балканот. Преку ликовите во романот, автентично и живо прикажани во нивната физичка , духовна и душевна структура, авторката пишува маестрална приказна за животот на поединци кои потекнуваат од мултикултурни средини обележани со стеретипизација токму поради другоста што ја отелетворуваат. Романот преку реминисценции и враќања во времето ги следи настаните и чувствата на група млади интелектуалци преиспитувајќи ги феномените на минатото и сегашноста, на знаењето и љубовта, на срцето и разумот како и на екстремното и идеализирано и на Балканот и во Европа.
Кица Колбе (1951) студирала филозофија на универзитетите во Скопје и Белград. Магистрирала на естетиката на Теодор В. Адорно, а докторирала на германската естетика од 18-от век. Неколку години работела на катедрата за филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје. Од 1990-тата се посветува целосно на прозата, особено на романот.
Нејзини дела се: Егејци (Култура, Скопје, 1990), Снегот во Казабланка, (Издавачки центар Три, Скопје, 2005 –п рво издание, Магор, Скопје, 2007- второ издание), Жените Гаврилови (Табернакул, Скопје 2008), Река во наследств, Ein Fluss als Erbe, ( Скопје и Лангенфелд, 2009), Земја на бегалци (Или-Или, Скопје, 2018).
„Снегот во Казабланка“ е добитник на наградата Роман на годината 2006, а „Жените Гаврилови“ во 2009-та беше македонска номинација за наградата Балканика.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.