Издавачкаа куќа „Или-или“ го објави романот „Смоква“ од словенечкиот автор Горан Војновиќ. Ова е 182 издание во едицијата „ПРОаЗА“ на издавачката куќа „Или-или“, преводот од словенечки јазик е на Давор Стојановски, а дизајнот на корицата на Марија Смилевска.

По „Југославија, моја дежела“, ова е втор превод на роман од младиот и наградуван писател во издание на „Или-или“.

„Смоква“ е досега најкомплексниот и најзрел роман на Војновиќ, значително поинтимен, фокусиран на судбината на три генерации од едно семејство, битно обележан со некогашната заедничка држава и со нејзиниот распад. Како и сите претходни романи, така и овој ги надминува границите на матичната словенечка книжевност, првенствено поради темите со кои се занимава, поради јазикот со кој се служи и поради сместеноста на фабулата, но и поради преокупацијата со прашањето на идентитетот и на неговото создавање. „Смоква“ врие од силни, но прикриени емоции, а од сочниот и презреан медитерански плод, кој пука по шевовите, капе семејната сага во која се преплетуваат судбини, љубови, неостварени желби и суровите реалности од нашите животи.


Горан Војновиќ (1980, Љубљана) е словенечки режисер, писател и колумнист. Автор е на романите: Јужњаци, марш! (2008), Југославија, моја дежела (2012), и Смоква (2016.) За секој од овие романи ја добива престижната „Кресникова награда“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.