Во неодамна конзервираниот и ревитализиран Офицерски дом во Битола, се одржа панел дискусија во организација на Комората на овластени архитекти и овластени инженери во соработка со ИКОМОС-Македонија, на тема „Регулирање на градењето во градски јадра прогласени за споменични целини”.
Преку овој настан како прв од серијата идни планирани активности, двете организации започнуваат да ја демонстрираат својата соработка, а вчера тоа го потврдија и со потпишување на Меморандум за соработка.
Во нашата држава постојат неколку градски јадра прогласени за споменични целини. Концептот за работа во следниот четиригодишен мандат што пред извесно време ја доби поддршка во Собранието на Комората, меѓу другото, предвидува не само децентрализирање на активностите на Комората туку проширување на делокругот на соработка со институции со слични интереси. Преку овој настан, Комората го промовира својот концепт, а вакви расправи покрај во Битола, се планираат и во останатите центри на државата како Охрид, Скопје, Крушево и Кратово” истакна Кристинка Радевска, претседател на Комората.
Пред бројната стручна публика, свои презентации, но и плодна дискусија развија експерти од оваа област, ангажирани и како проектанти или изведувачи, но и лица на позиции во јавните институции надлежни за издавање на дозволи и промена на законите кои ја тангираат оваа област.
Навистина се радувам што денес ја имам оваа можност да ви посакам добредојде од мојата Битола, од амбиентот на овој прекрасен репрезент на културното наследство на Битола – Офицерскиот дом, кој емблематично, и симболично, денес, пред очите на сите нас, ни покажува што всушност може да се постигне со заштитата и ревитализацијата на културното наследство. Кај мене – чувство на гордост и среќа што ова парче од историјата, ќе продолжи да биде сведок на минатото за идните генерации наши сограѓани. Но, зошто ова да не биде случај и со другите бројни културни добра кои сме ги наследиле од нашите предци во Битола, но не и само тука. Сведоци сме дека многу од вредните траги од минатото изразени во репрезентативната архитектура и автохтон урбанизам на Битола дел по дел се распаѓаат и исчезнуваат пред нашите очи. Да, ликот на секој град треба да добие и одлики од современите текови на сегашноста, кои ги отсликуваат модерните потреби на неговите жители, но што би била Битола без својот Широк сокак, без својата Стара чаршија или знајните и помалку знајни бисери на нејзината препознатлива архитектура низ другите не толку широки сокаци во градот?” – истакна Кристина Бицева, претседател на ИКОМОС Македонија, Национален комитет на најголемата и највлијателна меѓународна организацијата во сферата на заштитата на недвижното културно наследство – Меѓународниот совет за споменици и локалитети ИКОМОС присутна во 151 земја низ светот.
Регулирањето на градењето во старото градско јадро на Битола е еден од предизвиците со кои се носи градот и секое унапредување на регулативата е добредојдено за сите чинители.
Градот на конзулите, е пребогат со објекти кои говорат за минато, за традиција што оставила такви траги низ времето и во просторот што ние мораме да направиме сѐ што е потребно да се спасат од забот на времето.
Културниот идентитет на Битола не може да се замисли без старото градско јадро и неговата заштита, кое пак не може да остане одржливо ако не се развива.
Балансот помеѓу заштитата и развојот, најдобро можете да го одредите Вие, професионалците, а ние политичарите сме тука за да Ве сослушаме, а потоа заеднички да ги спроведуваме политиките што ги препорачуваат експертите. Моите очекувања од стручната дискусија се насочени во правец на усогласување на регулативата и поедноставување на постапките што го регулираат градењето во Старото градско јадро во Битола, без притоа да се влијае на културниот идентитет на градот. Верувам во капацитетите на Комората и ИКОМОС Македонија, како стручни тела, дека во соработка со стручните институции и професионалците во нив можат да одговорат на предизвикот. Се надевам дека Законодавецот ќе ги препознае капацитетите на чинителите и ќе излезе во пресрет, со цел унапредување на регулативата.” – истакна во обраќањето градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
На панелот на кој присуствуваа претставници од институциите за заштита на културното наследство, локалната самоуправа и архитекти од приватниот сектор, имаше конструктивни дискусии и заклучоци, во насока на подобрување на состојбите.
Сложеноста на постапките, невозможност да се обезбедат сите потребни документи за проектна документација, проблем на неповрзаност на институциите, се коментираа ситуации во пракса од страна на проектантите. Посебен тим ќе ги сумира сите дискусии и предлози и ќе ги објави на каналите за комуникација на Комората и ИКОМОС, а истите ќе бидат споделени и со релевантните институции во насока на унапредување на регулативата и на ефикасноста на сите инволвирани страни.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.