По 51. ИФФИ Гоа во Индија, Интернационалниот филмски фестивал во Софија го селектираше дологметражниот игран филм „Хомо“ на Игор Иванов во натпреварувачката програма „Балканска компетиција“ на своето 25-то издание, кое е во тек и ќе трае до 31-ви март.

Премиерната проекција на филмот „Хомо“ е закажана за 14 март во Кино Одеон во 20.30 часот, а филмот ќе биде прикажан и на 24 март во Дом на Киното во 16 часот.

Хомо“ е снимен по сценарио на Игор Иванов и Сашо Кокаланов. Продуцент е Томи Салковски, Маја Радошевиќ – кинематографер, Кирил Спасески – сценограф, шминка и фризура – Аленка Нахтигал, костимограф Полонца Валентинчиќ, Мaртин Иванов – монтажа, дизајн на звук – Борис Трајанов, автор на музиката е Зоран Спасовски, а во филмот провејуваат и песните на Љупчо Константинов – „Еј ти, момче младо“ и преработка на „Лиду ду“ од Григор Копров и Владимир Дојчиновски во изведба на Дани Димитровска.

Улогите ги толкуваат актерите Александар Матовски – Цако, Наташа Петровиќ, Игор Ангелов, Јордан Симонов, Мајлинда Косумовиќ, Сашко Коцев, Оливер Митковски, Сергеј Димовски, Јоана Буковски, Себастијан Каваца, Јелена Јованова, Мони Дамевски, Мартин Манев и Славиша Кајевски.

„Хомо“ е копродукциска соработка на Скопје Филм Студио со: Арт енд попкорн од Србија, Гала Филм од Бугарија, Триггер од Косово и Иридиум Филм од Словенија. Филмот е поддржан од: Агенцијата за филм , Филмскиот центар на Србија, Националниот бугарски филмски центар, Косовскиот кинематографски центар и Словенечкиот филмски центар.

Софискиот фестивал е признаен како еден од најзначајните во Централна и Источна Европа, категоризиран од Меѓународната федерација на асоцијации на филмски продуценти ФИАПФ, вбројан помеѓу 50-те годишни настани во светот кои не смее да се пропуштат и во календарот на Меѓународната федерација на филмски критичари ФИПРЕСЦИ. Годинава, поради пандемијата, фестивалската програма ќе биде прикажана преку онлајн и физички проекции, согласно со мерките за спречување на ширење на вирусот.

Филмот „Хомо“ е на мартовскиот репертоар на Кинотека на Македонија, со проекции на 20, 23 и 25 март во 19 часот и на 27-ми март во 17 часот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.