Во тек се финалните снимања и подготовка на документарниот филм посветен на животот и кариерата на легендарната македонската театарска и филмска актерка Анче Џамбазова.  Филмот, во продукција на Театар Комедија, ќе прикаже значајни и интересни детали од животот на актерката која ја помниме по улогите во „Мирно Лето“, „Македонските народни приказни“ како и претставите на сцената на Македонсиот народен театар.

Документарниот филм се снима под режисерската палка на Миле Гроздановски, сценарио на Гоце Трајковски, со согласност и учество на членовите од нејзиното семејство, сопругот Александар и синот Игор Џамбазови. Нејзините најблиски како и пријателите и соработниците во филмот, се сеќаваат и споделуваат спомени поврзани со начинот на кој што таа функционирала професионално – на сцената, како и детали од приватниот живот.

Анче Џамбазова, ќерка на едно од најзвучните македонски актерски имиња Петре Прличко, беше родена во 1942 година, а почина на 30 септември 1997 по борбата со ракот на белите дробови.

Премиерата на филмот ќе се случи на 9 септември, на затворањето на театарскиот фестивал под отворено небо „Гола Месечина“. Годинава ќе се одржи неговото шесто издание во населбата Ново Лисиче, а како и до сега влезот за публиката е бесплатен.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.