Арлинд Хусеини е именуван за нов директор на националната установа Центар за култура „Иљо Антески – Смок” во Тетово. Хусеини, роден 1977 година, доаѓа од работната позиција шеф на кабинет на државен секретар при Министерството за култура каде работел во изминатите 8 години. Воедно на тетовската јавноста е познат како спортски работник. Тој дипломирал на Факултетот за физичка култура, а има завршено постдипломски студии по спортски менаџмент.

Мојата насока на работење во Центарот како раководител е да одат работите на подобро. Пред се имајќи во предвид дека ние како Центар сме одговорен субјект за процесот за градење на новиот објект до нашиот каде треба да бидат сместени националните установи Тетовски театар и градската библиотека „Кочо Рацин”, изјави Арлинд Хусеини.

Новиот објект за театарот и библиотеката е веднаш до Центарот за култура, а почна да се гради во 2014 година. Градежните работи се завршени и следува втората фаза. Хусеини ќе биде одговорен и за поголем буџет согласно кој треба да се уреди објектот.

Се чека во Владата да помине процедурата за втората фаза односно опремување на внатрешноста на објектот. Овој голем национален проекти се планира да се заврши за 3 до 4 години. Првата фаза чинела 16 милиони евра, додека за втората се предвидени 26 милиони евра, истакна Хусеини.

Во спортската јавност Арлинд Хусеини е познат по ангажманот во каратето. Тој е основач и тренер на карате клубот „Фати” – Тетово од 2001 година, со кој е организатор на меѓународниот турнир „Тетово опен”. Воедно е селектор на карате репрезентација за постари јуниори од 18 до 21 година.

Претходно, културната јавност се разбранува откако Васил Бубев, исто така наставник по физичко беше именуван за прв човек на Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица.

Актерите од струмичкиот театар не се согласуваат со изборот на новиот директор. Според нив назначувањето на актуелниот директор на градинката во Струмица, Васил Бубев за прв човек на центарот за култура „Антон Панов“ е несоодветен. Велат дека немаат ништо против личноста, но сметаат дека тој не ги исполнува критериумите објавени во конкурсот од страна на министерството.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.