Пораки за зачувување на природното и културното богатство на Охрид и неговиот статус во УНЕСКО, испрати еден од најпознатите современи автори на балканските простори Мајо Даниловиќ од Белград, кој е член на Светската Академија за поезија при УНЕСКО и претседател на Одделот за словенскиот свет.

Пораките беа испратени на културниот настан посветен на неговото поетско и книжевно дело, кој се одржа во „Куќата на Уранија” во рамки на „Научно уметничката визита” на МАНУ во Охрид.

Беседа за поетот Данаиловиќ имаше академик Катица Ќулафкова, а пред присутните се обрати и претседателот на Советот на Општина Охрид, Живка Ангелоска.

Претходно, музичарот и композитор Дуке Бојаџиев на концертот на „Охридско лето“ ја повика публиката во полното гледалиште на сцената „Долни Сарај“ да запали свеќи како апел до надлежните да се спаси, како што рече, ова единствено место на планетата. Апелот на Бојаџиев е во контекст на последните барања од УНЕСКО да се отстранат дивоградбите кои му го загрозуваат статусот на Охрид како заштитено светско културно и природно наследство.

Уште од отворањето на „Охридско лето“ на 12 јули, уметниците како Александар Поповски, Благој Нацоски, Весна Ѓиновска-Илкова, Ирена Кафкалевска, Наде Талевска-Спасовска и Влатко Стефановски испраќаат пораки и апели за спас на регионот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.