Хозе Луис Алкаине, кинематограферот кој соработува со Педро Алмодовар, чиј филм „Болка и слава“ беше прикажан на отворањето на четириесеттото издание на ИФФК „Браќа Манаки“, изјави дека со врвниот шпански режисер не зборувале многу за филмот, туку се разбрале во две реченици.
„Слава и болка“ е ново дело на Алмодовар и како и секогаш тој работи со маестро Алкаине. Специфично е што филмот е автобиографски, Бандерас е алтер егото на Алмодовар, а снимањето е во самиот стан, кој бил трансформиран во студио.
Многу е чудно, бидејќи пред „Болка и слава“, работев на филмот „Сите знаат“, кој беше во режија на Фархади. Таму имаше 10 главни ликови. Обично кај Фархади има еден, но сега беа повеќе главни ликови, така што имав осум актери во кадарот. Во тој филм многу играв со висока дијафрагма и на тој начин добивавме многу важна длабочина на сликата, така што кога сите се во кадарот – сите беа во фокус. Тоа е чудно во модерната филмографија, може да имате фокус на сите ликови на екранот. Со Алмодовар не зборувавме премногу за филмот. Си кажавме само две реченици. Се пронајдовме како разговараме за животот додека вечераме, не разговаравме за филмот. Најдовме добар начин на соработка. Тој ми кажува само по една реченица. Само ќе рече: „Сакам фокус врз цел екран“ и бидејќи и јас го имав искуството од снимањето на „Сите знаат“, му реков: „Да, и јас мислам дека треба да има фокус врз сите“. Потоа го подготвувавме филмот само за боите: боите на облеката, на сценографијата и ништо повеќе од тоа, раскажа Алкаине.
За кинематограферот, филмската нарација е неопходна за да се прочита филмот.
За ова, многу е важен разговорот меѓу Франсоа Трифо и Хичкок. Хичкок вели дека два месеца пред да се почне со снимање тој веќе го снимил, се му е во главата. Тоа сигурно било вистина за неговите филмови, но филмот постојано се менува, тоа е флуиден процес и има свој живот, па може да тргне во еден правец или во друг. И затоа начинот на кој Хичкок размислува е невозможен. Тоа е начин на следење на редоследот на книгата на снимање, но јас сметам дека тоа не е начинот на кој треба да се прават филмовите. Мора да бидеме отворени за било што во текот на снимањето, рече Алкаине.
Според него, „може да видиме многу филмови кои се прекрасни за гледање, но фотографијата не ја раскажува приказна, дури оди во спротивност од самата нарација“.
Споредувајќи ја соработката со Алмодовар во неговите рани години и сега, Алкаине рече дека „има голема разлика затоа што во изминатите години и двајцата многу се смениле.“
Јас и тој многу се променивме и полесно се разбираме сега отколку на почетокот. Особено кога имавме несогласувања. На почетокот, додека го снимавме „Жени на работ на нервен слом“, речиси не зборував со Алмодовар за светлото во филмот. Тој ми оставаше се мене, но откако ќе видеше ќе ми кажеше дали е добро или не и тогаш настануваше проблем. Боите што ги одбира Педро Алмодовар се многу тешки за да се прикажат на екран. Се скаравме за светлото кое требаше да ја прикаже зелената боја на прекривката на која седеше Бандерас. Бевме скарани повеќе од 16 години и не работев на филм со него. Тој не ме бараше, јас не го барав, се до 2004 година кога Естер Гарсија кој е директор на продукцијата на сите филмови на Алмодовар ме праша: Дали ти помина лутината? Нема да ти пречи да снимиш уште еден филм со Педро? И тогаш помислив дека 16 години се доволни да помине лутината и повторно работиме. Сега многу добро соработуваме, раскажа Алкаине.
Стојан Синадинов го модерираше разговорот со еден од најеминентните македонски композитори на филмска и театарска музика, Љупчо Константинов. Тој истакна дека се радува што гледа дека има заинтересирана публика за вакви манифестации, како фестивалот и дека новиот технолошки развој не ја уништил уметноста. „Ме радува дека уште не е дојден крајот“, рече тој.
Тој зборуваше за улогата на музиката во едно филмско остварување и рече дека тој се води од тоа дека музиката почнува таму кадешто завршува зборот.
Се согласувам со она што го кажале и некои големи автори на филмската музика дека најтешко за композиторот е да дојде до темата и оа одзема најмногу време, рече Константинов, кој ја напишал музиката за филмови како „Среќна нова ’49“, „Тетовирање“, „Преку езерото“ и многу други.
Константинов рече дека без оглед на се’ компромис во уметноста не треба да се прави. „Од целото мое досегашно искуство, знам дека најлошо е да се прави компромис“, рече тој.
Тој раскажуваше како некаде кон крајот на шеесеттите години, како младо момче се заинтересирал за музиката, кога во Охрид кога почнал да свири на гитара и време кога го засакал и филмот филмот.
Човек мора постојано да се образува и надоградува, на младата генерација сега и’ многу полесно. Порано беше тешко да се дојде до партитура, а сега се’ е на интернет. Без оглед на се’, треба да се биде љубопитен и постојано да се експериментира“.
Во чест на Константинов, годинашниот добитник на наградата „Големата ѕвезда на македонскиот филм“ шти ја доделува ДФРМ, беше прикажан филмот „Среќна нова’49“ во режија на Столе Попов.
Мастер клас денеска одржа и светски познатиот режисер, сценарист и продуцент, Џим Шеридан чии филмови се ремек делата „Моето лево стопало“ и „Во името на таткото“ .
На почетокот на разговорот кој го водеше Благој Куновски Доре, Шеридан, кој на фестивалот „Браќа Манаки“ пристигна во својство на претставник на Европската филмска академија (ЕФА) истакна дека е изненаден од сериозноста на на начинот кој е организиран фестивалот.
Тој на прашањето како влијае Брегзит врз Ирска, тој одговори со ангедота:
Ирска е како кинематографер на Британија, не „постои“, ама тука е. Ние им бевме закана на Британците на некој начин. Во минатото на границата со Ирска се граделе кули и доколку не е некој закана за тебе нема да градиш такви кули. Британците сметаа дека Европјаните ќе ја искористат Ирска за да ја нападнат Британија. Така другите гледаа на оваа мала католичка земја, која беше назадна и старомодна. И тоа е нашата историја, рече тој говорејќи за политичката историја на неговата земја.
Тој говореше и за неговиот филм „Во име на таткото“, кој е за тоа како политиката и црквата ги разделуваат семејствата.
На програмата беа проекции на кратки филмови, специјална проекција на „Џезмен“, на режисерот Аљоша Симјановски, како и филмови од програмата Перспективи на европскиот филм, од документарната програма, а од компетицијата за „Камера 300“ денеска ќе биде прикажан филмот „Бедници“.
Од дополнителните настани, во „Магаза“ ќе се прикажат филмови на Браќата Манаки, а од програмата „Земја во фокусот“-филмот „Игла под прагот“ во режија на Иван Мариновиќ.
Следува проекцијата на „Полноќни танцувачи“ на режисерот Мето Петровски, „Заеднички градини“ од програмата за краток филм и „Синоними“ во режија на Надав Лапид, во компетиција за „Златна камера 300“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.