Филмот „Хомо“ на македонскиот режисер Игор Иванов-Изи освои две награди на Фестивалот на европски филм што од 6 до 13 ноември се одржа во Лече, Италија. Филмот ја доби наградата од публиката, како и наградата „Cineuropa“ на 22. издание на фестивалот.
И покрај трагедијата, филмот е забавен и влева надеж низ очите на детето кога сè изгледа изгубено, рече Валерио Карузо, директор на фестивалот.
Во филмот играат: Сашко Коцев, Александар Матовски-Цако, Наташа Петровиќ, Игор Ангелов, Јордан Симонов, Мајлинда Косумовиќ од Косово, Оливер Митковски, Сергеј Димовски, Јоана Буковски од Бугарија, Себастијан Каваца од Словенија, Јелена Јованова, Мони Дамевски, Мартин Манев, Славиша Кајевски.
Сценариото е на Изи и на Сашо Кокаланов.
Филмот прикажува шест лица, шест состојби во луцидно поврзани епизоди проткаени со црн хумор. Безнадежните ликови случајно се среќаваат во модерната метропола, при бескрајни обиди да опстанат и најдат малку среќа. Невработениот дипломец станува гробар, ужалената вдовица – монахиња, свештениците се коцкаат, а со судовите владеат гангстери. И кога изгледа дека надежта е мртва, едно осамено момче успева да пронајде љубов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.