Американскиот актер, режисер и професор Доналд Ворен Мофет во Драмски театар Скопје ги привршува пробите за претставата „Несоодветно за на работа“ од британската современа драмска авторка Луси Кирквуд, чија премиера е закажана за 27 јули на Охридско лето. По премиерата, тој заминува за САД, но најави дека многу би сакал повторно да работи во Макеоднија.
Многу би сакал да се вратам и повторно да работам во Македонија. Ова е фасцинантна земја. Македонија е дел од Европа кој не е американизиран. Се шетам низ градот и за мене се е некако прекрасно чудно. Би сакал тука да снимам тв-серија или филм. На сите пријатели во Лос Анџелес ќе им кажам: ‘Одете во Македонија, одете во Скопје’. Таму има нешто што не сте виделе досега. Има неверојатни актери. Во меѓувреме, се надевам дека мојата следна авантура тука во Скопје ќе биде повторно некоја театарска претстава, рече денеска Мофет.
Мофет глумел во филмови како „Украдена убавина“ на Бернардо Бертолучи и „Патот на дрогата“ на Стивен Содерберг, на театарска сцена со Кевин Спејси, во познати ТВ-серии како „Заменети при раѓање“ и „Среќно разведени“. Од 2016 работи како професор и шеф на катедрата за филм и телевизија на Универзитетот за арт и дизајн во Савана каде што предава режија. По премиерата на Охридско лето, тој заминува за САД, а од Драмски најавија дека тој повторно ќе дојде во Македонија за скопската премира на „Несоодветно за на работа / NSFW“ која е планирана за крајот на септември во Драмски.
Веќе зборував со мојот агент и сите глумци со кои работев, а за кои сметам дека се исклучителни, можат да дојдат слободно во Лос Анџелес и да имаат средба со него. Тие се доволно талентирани и слободно може да се натпреваруваат со кого било за каква било улога, рече Мофет.
Актерската екипа на претставата „Несоодветно за на работа / NSFW“ ја сочинуваат: Зоран Љутков, Ирена Ристиќ, Сања Арсовска, Игор Ангелов, Дамјан Цветановски и Стефан Вујисиќ. Костимографијата е на Александар Ношпал, а сценографијата на Костантин Трпеноски.
Мофет говореше и за начинот на работа во САД и овде во Макеоднија.
Во САД една претстава се подготвува три до четири недели, затоа што времето е пари, а тука претставата се подготвувала пет недели. Ние ја работевме пет недели. Но, јас уживав работејќи. На пробите јас имав текст напишан на англиски и на македонски јазик. Имам познавање од руски јазик, но овие два јазици не се блиски, објаснува Мофет.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.